Хрвати се заклучија дома – непозната ѕверка шета наоколу
Во близина на резерватот „Велики Пажут“ на подрачјето на Подравина во Хрватска овие денови забележано е непознато диво животно.
Се претпоставува дека се работи за грабливец, пума, кој побегнал од некого што го чува како куќен миленик.
Дивото животно е високо 80 см, а долго метар и половина и има многу долга опашка. Снимено е како талка низ грмушките и полињата меѓу Долна Дубрава и Коториба, јавуваат хрватските медиуми.
Стручњаци за животни велат дека тоа е пума, иако сведови велат дека ја виделе во самрак или во шума во некоја сенка, па не се сигурни што виделе.
Не е пријавено исчезнување на животно од зоолошка градина, па се верува дека побегнала од некој, а таква ѕверка никој не очекува во околината.
Жителите на блиското село се поделени во мислењата, некои веруваат дека треба да се внимава и да бегаат од неа ако ја видат, а некои сметаат дека не би нападнала луѓе.
„Веројатно излегува ноќе и оди наоколу, така што не треба да се плашиме“, вели една жителка.
За настанот известени се и институциите, а жителите се предупредени да не се приближуваат до животното ако го видат некаде, само да пријават.