ХРВ: Обвинувањата за тероризам против Ево Моралес се политички мотивирани


Меѓународната организација за заштита на правата на човекот “Хјуман рајтс воч“ соопшти дека обвинувањата против поранешниот боливиски претседател Ево Моралес делуваат дека се политички мотивирани.

ХРВ наведува дека овие обвинувања се дел од пошироката кампања на привремената боливиска влада која правосудниот систем го користи за пресметка со политичките противници.

Оваа група за заштита на човековите права објави извештај во кој се посочуваат прекршувања на судските процедури, вклучително и неосновани обвинувања и произволно користење на институцијата притвор, откако привремената претседателка на Боливија, Жанин Ањес, ја презеде власта во ноември 2019 година.

ХРВ додава дека сличен модел на судска злоупотреба постоел и за време на владеењето на Моралес.

Привремената влада на Боливија ги отфрли обвинувањата од извештајот дека ги прогонува противниците.

Во Боливија на 18 октомври ќе се оддржат вонредни избори.

Новата влада му забрани на Моралес повторно да се кандидира за претседател, а судот му забрани да биде кандидат за член на Сенатот. Неговото „Движење за социјализам“ се уште го контролира Конгресот.

Моралес беше претседател на Боливија речиси 14 години, а поднесе оставка во ноември минатата година откако полицијата и армијата му ја откажаа послушноста по масовните протести на граѓаните.