ХРВ: БиХ и Балканот не смеат да бидат третирани како паркинг за мигранти


Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) денеска предупреди дека третманот на притворените мигранти во Босна и Херцеговина треба да ги загрижи владите кои планираат да испратат уште мигранти во БиХ.

ХРВ наведува дека поради процедуралните доцнења, ограничениот пристап до адвокати, лошите услови и немањето пристап до услугите, мигрантите во БиХ се доведени во опасност. Поради тоа Организацијата апелира до Европска Унија и до Велика Британија да не го третираат Балканот како паркинг за мигранти туку да помогнат во развој на функционален систем за азил и подобра заштита на нивните права.

Британската Влада ги БиХ, Србија и Албанија како потенцијални локации на Балканот за центри за враќање, каде би се испраќале барателите на азил од други земји чии барања се одбиени и сè додека се чека нивно враќање во земјите од потекло или нивно испраќање во трети држави.

– Продолжениот притвор на мигранти без соодветни заштитни мерки ги изложува луѓето на ризик од кршење на правата. Испраќањето на баратели на азил на кои им е одбиен азил во Велика Британија или потенцијално од ЕУ, во веќе проблематичниот систем за притвор во БиХ само ќе ги влоши постојните проблеми и ќе ги зголеми злоупотребите, истакна директорот за Европа и Централна Азија на ХРВ, Хју Вилијамсон.

Европска комисија предложи воспоставување центри за враќање на сè уште неодредени локации вон ЕУ со цел да го олесни враќањето на лицата на кои им е наредено да замината од Унијата.

За ХРВ „префрлањето на одговорноста за мигрантите и барателите на азил на други само по себе е проблематично“.