Хронично болните и лицата на продолжено породилно, од 23 септември се враќаат на работа


Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести, од среда, 23 септември 2020 година, треба да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, одлучи Владата на денешната седница.

Како што соопшти владината прес-служба, исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таквата потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Од среда, 23 септември, на работа треба да се вратат и лицата кои користеле продолжено породилно отсуство. Можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи.

-Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење редовно породилно отсуство, да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство, гласи одлуката.