Хромотерапија: Како да се излечиме со помош на боите и светлината

Кога станува збор за алтернативната медицина, не може да не се сетиме и на Хромотерапијата, која што е метод на третман при што се користи видливиот спектар на бои и светлината за да се лекуваат различните типови на заболувања. И ова е стар вид на пракса која што доведува до хомеостаза, односно до релативен баланс помеѓу духот и телото.

Секоја боја има своја енергетска вредност, а светлината е енергија, чиј што феномен бојата е продукт на енергијата и материјата. Заедно со бојата, светлината емитира топлина, електрицитет и магнетизам и на тој начин со своите составни бои може да го лекува умот, телото, но и духот. Постојат доволно докази кои што ги покажуваат овие органски реакции во флората и фауната и не залудно на луѓето кои што страдаат од различен вид на постоперативни трауми и шокови им се сугерира да појдат во природа на рехабилитација и релаксација.

Како делува хромотерапијата?

Според учењето на хромотерапијата, човечкото тело е создадено од боја: тоа е создадено од бои, се стимулира со бои и боите се задолжени за правилно функционирање на различните системи или органи во телото, кои што, исто така, се создадени со специфична боја. Кога ќе се наруши работата на некој орган и ќе се намали неговата нормална вибрација, се смета дека телото е заболено или барем дека не функционира како што би требало. Хромотерапијата со својата вибрациска техника ги коригира овие енергетски патерни во телото. Модерната терапија со бои се користи за да се стимулираат емоциите и чувствата задолжени за:

– Виталност и страст ( црвена )
– Оптимизам и експанција ( портокалова )
– Лекување и растење ( зелена )
– Радост и креативност ( жолта )
– Смиреност и добар сон ( сина ).

Значењето на боите во хромотерапијата

Црвена

Црвената боја делува ревитализирачки, стимулативно и ја враќа топлината во телото, со подобрување на артериската циркулација. Дава силна енергија, па затоа е добра за луѓето кои што се пасивни и им е потребна константна стимулација. Помага во лекување на заморот, настинките и го ревитализира срцето. На тој начин ја враќа страста и енергијата во животот.

Жолта

Жолтата боја ја стимулира работата на дишните органи, ја прочистува крвта и ја подобрува дигестијата, преку стимулација на дигестивните сокови и плунката. Може да помогне при силната констипација, а ја подобрува и тонизира работата на нервите и мускулите. На тој начин го реставрира чувството за среќа, ја враќа сигурноста и самодовербата, како и генералното чувство за добросостојба и толеранција.

Зелена

Кога сакаме да се одмориме по долгата и тешка работа, автоматски сакаме да појдеме во природа и да уживаме во широкиот спектар на зелената боја. Оваа боја има седативен ефект и разладува, со што ја намалува нервната напнатост и анксиозност. Таа природно се поврзува со срцето и со неговата правилна работа, па не ретко ќе видите луѓе како носат талисман со зелена боја во областа на срцето. Помага во намалување на отоците кај зглобовите и го промовира растењето, исцелувањето, но и плодноста.

Тиркизно сина

За оваа боја се вели дека ја зголемуваат психичката перцепција, односно ја зголемуваат интуицијата, преку отстранување на менталните блокади и промовира неутралност, смиреност и задоволство. Најмногу помага при болестите поврзани со дишните патишта, но и дебелото црево. Ова е силно спиритуална боја која што е користена во многу стари култури.

Темно сина

Оваа боја се смета дека спаѓа во боите со ладен спектар и затоа има својство да смирува: делува врз парасимпатичниот нервен систем и ја подобрува работата на грлото и градниот кош воопшто. Се користи кога доаѓа до висока температура во телото и за разладување. Природно го зголемува имунитетот, а помага и во лечењето на ишијас, ревматизам или некои видови на инвалидитет. Оние кои што страдаат од главоболки или несоница, би можеле да имаат голема придобивка од користењето на оваа боја, како и личностите кои што сметаат дека им е потребна заштита, се срамежливи и сакаат да ги подобрат своите природни инстинкти.

Виолетова

За оваа боја се знае дека помага при медитацијата, бидејќи ја подобрува работата на мозокот и на тој начин поврзува со повисоките спиритуални светови. Ја зголемува будноста, мирот и свесноста, а помага и при работата на лимфниот систем. Ги намалува емоционалните болки и смирува, а често пати се користи при отстранување на потешкотиите предизвикани од менопаузата. Го враќа духовниот мир и го промовира духовното растење.

И како што споменавме претходно, секоја боја има своја фреквенција која што делува врз нас преку нервите, клетките, очите, жлездите со внатрешно лачење и го опушта телото и релаксира мускулите. Како што видовме, секоја боја се користи за поинаква намена, со што можеме да ја промениме својата свесност, ум и душа. Дури и Египјаните користеле некаков вид на солариуми, во кои што имало различни видови на обоени стакла. Денес луѓето кои што се запознаени со оваа техника, носат свилена гардероба со одреден вид на боја, со која потоа се изложуваат на сончевите зраци. Некои терапевти сугерираат да се носат очила во различни видови на бои со истата цел и на тој начин ја лекуваат депресијата или различните видови на трауми.

Ирена Танчева