Храна има доволно – граѓаните да не паничат, за поскапување казните до 5.000 евра, па и една година затвор

Прехранбената индустрија во земјава им порачува на граѓаните дека нема потреба панично да купуваат залихи зашто има доволно леб, брашно, масло за јадење, млеко, млечни производи, јајца, кондиторски производи, месо и месни преработки.

Граѓаните не треба да стравуваат и од евентуални поскапувања. Според надлежните, треба да се плашат единствено трговците кои сакаат да профитираат. Тие ќе бидат таргет на инспекциските контроли.

– Цените на основните артикли кои беа зголемени по 11 март, согласно одлуката на Владата, ќе треба да се вратат на нивото на кое биле дотогаш, рече вчера директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, додавајќи дека на сите што нема да ги почитуваат владините мерки им следува казна до 5.000 евра.

Во вакви, вонредни услови, согласно Кривичниот законик, за непочитување на одлуките се предвидени дури и затворски казни од по една година.

Прехранбената индустрија во моментов е фокусирана на увезување суровини. Владата, пак, ќе и излезе во пресрет со намалување на даноците.

Како што најави министерот за економија Крешник Бектеши по вчерашната средба со претставниците од прехранбената индустрија на која присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, како и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, најдоцна денеска треба да бидат донесени соодвени одлуки за намалување на давачките за некои репроматеријали.

Бектеши напомена дека одлуките за намалување на давачките ќе се донесат за да имаме непречено производство на храна, но и за на индиректен начин да се намалат цените или да не се  дозволи поскапување на производите, посбено на основните прехранбени продукти.

-Навистина нема потреба од панично купување храна. Храна има доволно за сите. Граѓаните можат само да си наштетат ако сите во исто време одат во маркетите, бидејќи така се прават непотребни гужви. Ако натрупаат залихи за три недели, некој можеби ќе нема ни за два дена. Сега ни е најбитно да овозможиме увоз на некои суровини што се неопходни за производството, а кои не се произведуваат тука, рече Ѓорѓи Петрушев од Здружението за земјоделство и преработувачка индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Кризата, според него, нема да заврши утре. Затоа уште сега се изнаоѓаат начини за да не дојде до недостиг.

-И нема да дојде. Се работи на меѓудржавни протоколи, имаме веќе протоколи обезбедени и за возачи и за дотур и за нашите работници, работа во смена, работа од дома. Дури и да има застој, тој ќе биде од неколку дена кои веќе се покриени, нагласи Петрушев.