Храбро до последниот свиреж: Македонија загуби од Украина со 1 : 2


Македонската фудбалска репрезентација го претрпе вториот пораз на Европското првенство во фудбал, овој пат против Украина, со 2:1.

Избраниците на Игор Ангеловски играа храбро и до последен момент настојуваа да направат пресврт, откако во првото полувреме Украинците поведоа со 2:0. 

Второто полувреме изобилуваше со возбудливи моменти, беа досудени и два пенали, по еден за двете екипи. Алиоски иако не успеа да го совлада украинскиот голман од белата точка, сепак ефектно реализираше од одбиената топка.

Нешто подоцна, по интервенција на ВАР собата, беше досуден и пенал за украинската екипа, но извонредниот Столе Димитриевски со бравурозна одбрана даде надеж дека до крајот на натпреварот може да се направи пресврт и да се израмни резултатот. И покрај неколкуте прилики, тоа сепак, не се случи.

Македонија следниот натпревар ќе го игра во Амстердам, каде што за противник ќе ја има силната репрезентација на Холандија.