Хоти: Косово има најмалку заболени од Ковид-19 споредено со регионот и Европа

Косово – Косовскиот премиер Авдулах Хоти вели дека состојбата со пандемијата на Ковид-19 во земјата и натаму е под контрола и дека во Косово има многу помалку заразени од коронавирусот во споредба со земјите од регионот и Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти преку неговата страница на Фејсбук порача дека Владата успева да ја држи ситуацијата под контрола, но побара од граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките кои ги препорачуваат здравствените власти, со цел што полесно да се преброди новиот бран на пандемијата.

– Бројот на тестови за Ковид-19 расте, како што расте и бројот на случаи. Ние продолжуваме да ја држиме ситуацијата под контрола и имаме многу помалку заразени споредено со регионот и Европа. Нашите институции го чинат невозможното за да ја држат под контрола оваа ситуација, а тоа посебно се однесува на здравствените работници. Затоа да им помогнеме, порача Хоти.

Последните денови во Косово секојдневно се зголемува бројката на новозаразени од коронвирусот, а според последниот 24-часовен извештај на Институтот за јавно здравство во петокот се забележани рекордни 514 новозаболени, со што бројот на лица кај кои е откриен вирусот од почетокот на пандемијата достигна до 19.842. Од нив починале 681 (тројца во последниот извештаен период), а излекувани се 15.520, така што активни заразени во моментов се 3.641 лице.

Секојдневно расте и бројката на извршени тестирања според методот РТ-ПЦР, така што во споменатиот период беа испитани 1.750 лица за кои постоело сомневање дека се заразени, што е двојно повеќе споредено со дневната бројка на испитаници пред десетина дена.