Хоти: Без меѓусебно признавање на Косово и Србија нема нормализација на односите


Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави денеска дека без договор за меѓусебно признавање не може да има нормализација на односите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одговарајќи на вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека, и доколку на средбата на челниците на Приштина и Белград на 4 септември во Белата куќа во Вашингтон учествува американскиот претседател Доналд Трамп, нема да се разговара за признавање на косовската држава од страна на Србија, Хоти изјави дека единствена тема за која се разговара на тие средби е меѓусебното признавање.

– На секоја средба на која што учествуваме единствена тема за која разговараме, сé е во функција на меѓусебното признавање. Инаку не може да има нормализирање на односите меѓу двете држави, изјави Хоти на денешното чествување кај спомен-плочата на исчезнатите од последната војна во Косово по повод Светскиот ден на исчезнатите лица.

Косовскиот премиер нагласи дека темата на исчезнатите ќе биде главно прашање на секаква спогодба за нормализирање на односите и меѓусебно признавање на двете држави.

– Ова е и натаму отворена рана, најчувствителна тема. Не претеруваме, тоа е главното прашање на секаква спогодба за нормализирање на односите и меѓусебно признавање, изјави Хоти.

Како исчезнати од војната во 1998-99 година во Косово, според официјални податоци, и натаму се водат 1.647 лица.