Хотели, бунгалови, трговски центар треба да се градат околу Езерото Треска
Хотел со 5 ѕвезди, бунгалови, викенд куќи и трговски центри, базени, аквапаркови и друго, превидува новиот ДУП за езерото Треска, беше откриено на денешниот брифинг од градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети.
Просторот околу езерото ќе биде поделен на четири блокови, при што во првиот се планираат плажи, базени, аква парк, спортски терени, амфитеатар, ботанички градини.
-Блокот еден на површина од 31 хектар предвидено е да се намени за спорт и рекреација, во блок 2 на површина од 10 хектари ќе бидат изградени бунгалови со максимална височина од 10.20 метри и П+2+Пк односно приземје, два ката и поткровје. Во блокот 3 е предвидена изградба на хотели на површина од 8 хектери со максимална висина од 4.50/11.50 метри и максимален број катови од П/П+2+Пк (четири нивоа). Во блокот 4 предвидено е да се направат трговски објекти на површина од 1.1 хектари“, потенцираше на денешниот брифинг градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџити.
Проценката на тимот на Беџети е дека инвестицијата ќе тежи околу двесте милиони евра и ќе отвори многу работни места. Според неговите процени проектот треба да заврши за три години.
Езеро Треска е изградено во 1978 година со самопридонес на жителите на Град Скопје претставува рекреативна зона која се простира на 136.000 метри квадратни, длабочина од 1,6 до 3 метри и располага со капацитет од 10.000 капачи. Езерото било место за релаксирање на скопјани цели 20 години, се до 1998 година кога истото е затворено за капачи поради загаденост на водата.
Тој најавува дека ќе ја спроведе постапката до крај и потоа ќе го предаде владението на министерствата кои ќе требада ги ловат потенцијалчните инвеститори и да ги издаваат сите дозволи.
За проблемот со камперите Беџети стои цврсто на ставот приколките да се дислоцират, за што сопствениците имаат 60 дена тоа да го направат, односно, до крајот на февруари. Беџети ќе побара помош од МВР за да се лоцираат сите сопственици и кажа дека тврдите градби кои камперите нелегално ги поставиле ќе бидат дополнителен товар на Буџетот при расчистувањето на теренот.
Камперите, од друга страна пак, се надеваат на компромис, велат дека трпат закани и притисоци и чекаат на прием во Владата. Тие изминатите денови бараа ако веќе толку објекти се предвидуваат околу езерото, да се најде место и за нив да ги преместат камп-приколките.
Владата во ноември 2013 година, надлежноста на езерото Треска од Град Скопје ја префрли на Општина Сарај. Земјоделското земјиште околу езеротот лани Владата го пренамени во градежно со што го отвори патот за измените во ДУП – от. Се чека подрачјето да се прогласи за развојната туристичка зона.