Хотел во Атина го попречувал погледот на Акропол. Ќе мора да урне два спрата


Базенот и терасата на врвот на хотелот со поглед на Акропол сега ќе мора да бидат урнати

 Туристичката треска ја зголеми алчноста на инвеститорите за градење хотели во подножјето на Акропол

 

Атина – Битката околу правото да уживате во чист поглед поглед на Акропол резултираше со наредба на хотел со пет ѕвезди да ги урне неговите два највисоки спрата, пресуда што ја поздравија жителите на Атина.

Во сопственост на „Коко-Мат“, грчки производител на душеци, хотелот – чија „тераса за воодушевување“ беше продажната точка – ги отвори вратите пред една година. Граѓаните се налутија поради десеткатната зграда што ги блокираат нивните погледи на цитаделата, па го однесоа случајот до највисокиот суд во земјата.

„Тоа беше многу храбра одлука“, рече градоначалникот на Атина, Костас Бакојани, за пресудата на грчкиот централен археолошки совет (КАС), највисокото советодавно тело на земјата за зачувување на античките антиквитети. „Акрополот е нашето срце и нашата душа, суштински дел од нашето културно наследство. Многу е важно секој да може да ужива во тоа“.

Кампањите се во тек. Одлуката следи по повеќе од една година протести против  високите „мамути“ што се подигнаа во населбите под местото на петтиот век пред нашата ера.

Во април жителите во Макријани, округот што се наоѓа јужно од Акропол, ја засилија борбата за започнување на онлајн петиција, со членови на активистичката мрежа „Авааз“, барајќи централно-десничарска грчка влада да ја заштити декларираната археолошка зона. За неколку дена 23.000 луѓе го потпишаа барањето.

„Знаеме дека се разгледуваат дозволи за најмалку седум огромни хотели“, рече Ирини Фрезаду, архитектка школувана во Швајцарија, која го предводи движењето. „Пресреќни сме што конечно дејствуваше неподвижната грчка држава, но потребно е итно да имаме нови закони за градење и планирање ако сакаме се заштити урбаното и културното опкружување на Акрополис“.

Поттикнат од протестите неочекувано се состана грчкиот археолошки совет. По шестчасовна расправа водена преку телеконференција, стручниот комитет дојде до едногласен заклучок дека мултимилионското градење треба да се спушти, во име на заштита на симболот на западната демократија.

„Кога е оштетен Акропол, во суштина оштетена е и нашата цивилизација“, рече Лина Мендони, грчки министер за култура. „Акропол е симбол. Тоа не е само споменик“. Компензација е можно да се случи, но КАС пресуди, неповратно, дека гаргантуанската зграда не може да биде повеќе со 24 метри во висина и ќе мора делумно да се урне. Со висина од 31,5 метри, хотелот е далеку најголемата градба во Макријани, надминувајќи го во големина новиот Музеј на Акропол.

Минатата недела највисокиот грчки суд, Советот на државата, исто така, одлучи дека во иднина структурите во областа мора да бидат 21 метар или помалку. Пресудата уследи откако судот ја отповика градежната дозвола за уште поголем хотел што требаше да се изгради во Макријани, со три подземни паркинзи и базен градина на врвот.

„И двете решенија се огромна победа, сведоштво за јачината на граѓанското општество и на она што луѓето можат да го направат кога ќе се обединат“, рече Андреас Папапетропулос, адвокат кој ги претставуваше активистите. „Имаме среќа што трибуналот се свика за време на Катерина Сакеларопулу“, додаде тој, осврнувајќи се на еколошки чувствителна судијка од судот, која неодамна стана прва жена шеф на државата во Грција.

Критичарите тврдат дека изградбата на повеќекатни хотели во подножјето на локацијата ќе создаде ефект на „ѕид со големи висини“ што го обиколува Акропол.

„Макријани е станбена населба. Никогаш не била наменета за градби со вакви димензии “, рече Фрезаду. „Масовниот туризам, на кој бевме сведоци може да исчезне со корона вирусот, но тој ќе се врати. И ако дојде непроверен, тоа ќе го уништи споменикот за којшто доаѓаат туристите, самиот Акропол“.

Но, грчкиот министер за култура, исто така, призна дека пресудата била „многу тешка одлука“, велејќи дека сопствениците на хотелот „најверојатно“ ја имале правдата на нивна страна – иако КАС официјално не ја поддржал изградбата по откривањето антиквитети на локацијата.

Областа Плака под Акропол засега ѝ одолева на градежната експанзија

Во 2012 година, среде грчката економска криза, беше донесен нов градежен законик кој дозволува поголеми и повисоки згради доколку ги исполнуваат „зелените“ стандарди. Инвеститорите ја искористија можноста, иницирајќи градежна треска во главниот град што подоцна ќе привлече рекордни туристички посети.

„Ќе бидат поставени многу прашања“, рече Јанис Михаил, потпретседател на групата за конзервација „Елиники етаирија“. Михаил, урбаност, ги подготви законите за користење на земјиштето за заштита на Плака, античката област на тесни улички и неокласични куќи северно од Акропол. „Од ридот Акропол, Плака изгледа исто како и во времето на Перикле. Тоа не може да се каже за Макријани, на јужната страна на споменикот, затоа што законите за употреба на земјиштето никогаш не биле проширени на целата урбана област околу локацијата“.

Бакојани, како и активистите, смета дека ниеден поглед не треба да биде зачувуван за неколкумина привилегирани. Атина, рече тој, се издвојува од другите градови токму затоа што Акропол може да се види од далеку и широко.

Но, градоначалникот исто така предупредува да не се фрли целата вина врз бизнисмените. Кршливата економија на Грција годинава ќе падне 10 отсто како резултат на пандемијата, при што инвестициите се клучни за секое закрепнување.

Како или кога ќе бидат повикани сопствениците на хотелот да ги урнат горните катови допрва треба да се открие. Досега тие не реагираа јавно на одлуката на КАС.

Локалното население се обиде да најде пари за да ги покрие правните трошоци. Многумина се жалат што го прават она што државата требаше да го направи од многу одамна. Но, Фрезаду и нејзините колеги активисти сметаат дека се должни да продолжат: меѓународните инвеститори се редат, поттикнувајќи ги стравовите дека алчноста ќе ја трансформира засекогаш областа.

„Нашата битка сè уште не е завршена“, рече таа. „Оваа кампања не е против едно, туку секое, десетспратно чудовиште во сенката на ова славно место“. (Гардијан)