Хоспитализираните во Битола се на кислород и во тешка состојба


Тони Коњановски доби 24.708 гласови од битолчани

Цели семејства во Битола се со позитивни тестови на Ковид-19. Во болницата има хоспитализирано 72 лица

 

БИТОЛА – Во тешка здравствена состојба се најголем дел од хоспитализираните со корона вирус на Инфективното одделение во Битола, потврдуваат од  Битолската клиничка болница. Според денешните информации, до утрово на Инфективно се згрижени 72 пациенти, или 12 пациенти повеќе од вчера, а бројката постојано се менува. Најголем дел од згрижените се од Битола и по неколку од градовите од регионот. Хоспитализираните се во средни години од 40 до 60 годишна возраст.

„Во тешка здравствена состојба на перманентна кислородна поддршка се најголем дел од хоспитализираните пациенти во Инфективното одделение. Пациентите се на средна возраст, но можам да кажам дека состојбата е под контрола. Капацитетите на Инфективното одделение не се целосно пополнети бидејќи знаеме кој пациент е за хоспитализирање“, вели за „Независен“ д-р Билјана Гагачовска, директор на Битолската клиничка болница.

Во ковид центарот во Битола за цело време работат лекари инфектолози, пнеумофтизиолози и интернисти. Но вирусот погоди и голем дел од здравствените работници во Битола. Во моментов има и лекари и медицински сестри кои се ковид позитивни или во изолација заради контакт со позитивно потврдено лица. Гагачовска го потврдува ова, но не открива дали во моментов има хоспитализирани здравствевни работници и во каква здравствена состојба се.

Од Центарот за Јавно здравје во Битола според последните сумирани податоци потврдуваат дека  најголем дел од ковид позитивните во Битола се од семејни кластери.

Во градот цели семејства се со позитивни тестови, иако кај голем дел од заразените болеста минува со лесни симптоми, а добар дел од нив се и асимптоматски. Бројката на ковид позитивни се искачи на 550 од кои дури 187 се активно болни. Октомври се покажа како црн месец за битолчани. Од почетокот на месецот до денес починати се девет лица или речиси двојно од вкупниот број на починати од почетокот на кризата кој изнесува 19.

Гагачовска вели дека голем дел од починатите имале коморбидитети. (А.Б.)