Хоспитализациите во битолската болница паднаа за една третина


БИТОЛА – После три месеци падна бројот на хоспитализирани во битолскиот ковид центар.  Денеска во битолската болница од компликации од Ковид-19 се лекуваат 56 заболени од вирусот, а претходната недела таа бројка беше околу осумдесет. Во изминатиот период од средината на септември до денеска бројката на хоспитализирани се движеше и до 86 згрижени, со што вкупниот капацитет беше исполнет до максимум, а во болница се лекуваа најтешко болните. Овој месец се отвори и вториот ковид центар

„Денеска имаме 56 хоспитализирани, бројката се намалува. Состојбата е променлива од ден на ден, но изминатава седмица намален е бројот и на прегледи, а не само на хоспитализации. Помалку прегледи има и во тријажниот дел и во ковид позитивниот дел“, изјави д-р Билјана Гагачевска, директор на Битолската клиничка болница.  

Денеска во ковид центарот во Битола почина пациент на 58-годишна возраст. Во последните две недели според официјалната статистика паѓа и бројот на  починати. За среќа, има денови кога во болницата не се регистрирани смртни случаи.

Бројот на заболени во Битола се искачи на 2.866,  а починаа 124 лица.

Кризниот штаб на Општина Битола, по консултации со директорите на здравствените институции објави дека зголемената бројка на новозаболени која се појави последните месеци, во моментот е во мала стагнација, но заштитата и почитувањето на мерките и понатаму се клучни за подобрување на епидемиолошката состојба.

Сепак, надлежните во овој период стравуваат од нова ескалација на состојбата поради славите и празниците. Па велат дека нема простор да се опуштат од моменталната ситуација сѐ додека не се види дали битолчани биле свесни и совесно се однесувале избегнувајќи групирања.

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски, кој цело време врши анализи на ковид состојбата, заклучува дека во Битола добро оди намалувањето на сите дневни показатели на епидемијата, почнувајќи од дневниот број на новодијагностицирани, преку дневниот број на починати, до 14-дневната кумулативна инциденца.

„Особено стрмно, за среќа, е намалувањето на дневниот морталитет. За разлика од темпото на намалување на новите случаи на државно ниво, коешто е двојно побавно од темпото на искачување пред пикот, во Битола намалувањето е практично со исто темпо како искачувањето. Заради експоненцијалниот карактер на намалувањето наскоро ќе видиме подзабавување на намалувањето, но најважно е што многу бргу ја напуштивме зоната на многу високи бројки околу пикот“, заклучува Трајковски.

Според Кризниот штаб оваа недела ќе се зголеми бројот на тестирања со брзи тестови во Битола  што е важен предуслов за рана детекција на вирусот, како и брза интервенција од страна на здравствениот персонал.

Општина Битола и јавните претпријатија, веќе ги завршија своите активности во однос на подготовка на теренот за поставување на модуларната болница во Битола.

Општинскиот кризен штаб, апелира во празничниот период на одговорно однесување. (А.Б.)