Хорор во Канада: Со ножеви убиле 10 и раниле 15 лица, напаѓачите во бегство

Полицијата трага по двајца осомничени за кои се верува дека избоделе 10 лица до смрт и раниле најмалку 15 лица во провинцијата Саскачеван


Канадската полиција во неделата соопшти дека трага по двајца осомничени за кои се верува дека избоделе 10 лица до смрт и раниле најмалку 15 лица во провинцијата Саскачеван.
Полицијата ги именуваше Демиен Сандерсон и Мајлс Сандерсон како двајца од осомничените и  дека патувале со црн „Нисан Рог“.

Се верува дека убиле 10 и повредиле најмалку 15 лица во провинцијата Саскачеван. Убодите со нож биле пријавени рано утринава по локално време, а полицијата издала тревога за опасно лице низ провинцијата.

До попладневните часови, слични предупредувања беа издадени во соседните провинции Алберта и Манитоба.

Ронда Блекмор, командант на Кралската канадска коњичка полиција Саскачеван, рече дека властите не знаат дали осомничените ги смениле возилата.

„Нивната локација и насоката на патување не се познати. Страшно е тоа што се случи во нашата провинција денес“, рече Блекмор.

Таа рече и дека полицијата се уште е во почетна фаза на истрага, дека се обидува да ја утврди врската меѓу двајцата осомничени и дали и биле познати на полицијата. Таа не можеше да го наведе мотивот за нападот.

Нападите се случија на повеќе локации, а полицијата истражува 13 локации каде се пронајдени мртви или повредени лица.

Полицијата соопшти дека се чини дека некои од жртвите биле цел на осомничениот, додека други биле нападнати по случаен избор. Во потрагата по осомничените полицијата ангажирала дополнителни сили.

Сочувство упати и канадскиот премиер Џастин Трудо. „Нападите во Саскачеван се ужасни и потресни. Моите мисли се со оние кои ги загубија најблиските и повредените“, напиша Трудо на својот Твитер профил.

Можно е да има дополнителни повредени жртви кои се транспортирале во различни болници, изјавија надлежните на прес-конференција.