Хорор околу контејнерите, „Комунална хигиена“ собра 1.600 кубни метри отпад


Во текот на минатиот месец, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани вкупно 1.600 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје. Картонски кутии, намештаи, душеци, столици, автомобилски гуми и што уште не беа расфрлени до контејнерите, иако има посебни правила на собирање на кабастиот отпад. Од претпријателието порачуваат дека, нивна основна дејност на претпријатието е собирањето и транспортот на комуналниот отпад од домаќинствата и правните субјекти, но поради ваквата состојба екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје секојдневно се максимално ангажирани за извршување вонредни активности како што е расчистувањето диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

 

Затоа претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнери, канти или корпи за отпадоци. Воедно, неопходна е поголема ангажираност на соодветните институции задолжени за санкционирање на прекршителите на Законот за јавна чистота, бидејќи ЈП Комунална хигиена-Скопје нема надлежност да изрекува санкции за непрописно одлагање отпад.

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на изминатиов викенд  беа ангажирани и за санирање на последиците од невремето што го зафати градот Скопје, при што се вршеше подигнување на паднатите дрвја, отстранување на лисјата, како и рачно и машинско метење на поголемите улици и булевари во градот.Исто така, беа реализирани и две интервенции за расчистување сообраќајни површини по сообраќајните незгоди што викендов се случија во општините Аеродром и Ѓорче Петров.