Хормонални и емоционални престрелки меѓу коалициските партнери на СДСМ


„Нема да дозволиме да бидеме на иста маса со луѓе кои во име на евроинтеграциите ја нарушуваат волјата на граѓаните“, реплицираше  Аријанит Хоџа, актуелниот министер за земјоделство, генерален секретар на Беса и коалициски партнер на СДСМ во Владата на изјавата на Али Ахмети дека не очекува таа да излезе од Владата, иако се заканува. Од Беса се лути поради, како што велат, манипулациите на ДУИ за изборниот резултат во избирачкото место 2107 во општина Желино каде што бројот на запишани гласачи и на изборни ливчиња не се совпадна. 

„Во Влада со министри од ДУИ јас нема да седам на иста маса. Можеби мојот став е емотивен како што вели Али Ахмети, но јас ќе речам дека е принципиелен бидејќи нема да дозволам натамошно непочитување на Беса како коалициски партнер“, изјави Хоџа, кој беше и шеф на Изборниот штаб на Беса на изборите. 

Хоџа рече дека во партијата продолжуваат консултациите дали ќе останат како дел од Владата. Самиот тврди дека ќе поднесе оставка од функцијата министер за земјоделство доколку партиските органи продолжат да бидат дел од Владата.

„Како што сте информирани, со претставка од набљудувач на ДУИ, и покрај тоа што никаде во записникот не е наведено, во Општина Желино ќе се повтори гласањето на избирачкото место 2107. Прашањето кое го поставуваме е на колку избирачки места ДУИ дозволила вакви и слични појави и ги задржале како резерва ливчињата, за да се повторат изборите и дали е вистина дека од 2002 година наваму ДУИ го користи истиот метод манипулирајќи со изборниот резултат низ цела држава“, рече Хоџа.

Според него, во сите процеси Беса покажала политичка зрелост и лидерство, но она што се случило во Желино ја надминува секоја норма и вредност на демократијата.

„Можеме да толерираме многу прашања, можеме да ги издржиме и пречките кои ни се правени цела година како дел од владејачкото мнозинство, ја издржавме и неправдата на последните локални избори каде што сите познати методи на ДУИ беа искористени за да се наруши волјата на граѓаните. Но, ние нема да дозволиме во име на европската интеграција да се погази најсветата вредност на демократијата, а тоа е волјата и гласот на граѓанинот“, рече Хоџа.

На прашање дали ќе поднесат тужба до Управниот суд поради барање за прегласување во Желино, тој одговори дека ќе поднесат тужба, но дека нивната одлука нема да зависи од решението на Управниот суд.

„Ако судот одлучи да не се повтори гласањето, тоа нема да нѐ предомисли во ова што го зборуваме. Зборуваме за целосно непочитување на коалицискиот партнер, кој цела година истрпил сѐ и сешто за да може државата да оди напред. Во Владата ваква каква што е јас лично нема да бидам министер на маса со тие луѓе“, тврдеше Хоџа.

Претходно лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека нема потреба да се врши притисок врз институциите и дека треба да се почитува одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино.

Реакција дојде и од министерот за економија Кресник Бектеши кој разговарал со Хоџа и му кажал дека избрзува.

„Имав прилика да видам некој си пост што го објавил на Фејсбук. Ние како ДУИ и јас лично мислиме дека треба да се почитуваат институциите, во овој случај ДИК и согласно факти и аргументи да се донесат одлуки, сѐ со цел да имаме транспарентен и изборен процес кој ќе биде признат од сите страни. Се случи пред една недела, да не згрешам, случајот и со Општина Дебар каде што можеше да изгуби ДУИ, но ние не ги поврзуваме тие работи. Ние ги почитуваме одлуките на независните институции, во овој случај ДИК, и секако дека согласно нивните одлуки треба да постапуваат политичките партии“, изјави Бектеши. (Н.В.)