„Хопман купот“ по 31 година нема да биде дел од календарот на АТП

Мешаното тимско натпреварување во Перт отпаѓа од календарот на АТП и ќе биде заменет со „АТП Светски тимски куп“, изјавија официјални лица.

Два од трите града кои ќе го организираат новото натпреаврување кај мажите – Сиднеј и Бризбејн веќе беа обелоденети, а Перт беше потврден за третиот австралиски град. Ова значи дека популарниот „Хопман куп“, освоен оваа година од швајцарската двојка Роџер Федерер и Белинда Бенчиќ, мораше да го отстапи своето место.

– Додека многумина гледаат на оваа промена како нешто што сме изгубиле, ние добивам нешто. Овој глобален настан, кој ќе се емитува во секоја земја во светот, ќе им покаже на луѓето колку прекрасен град е Перт. „АТП Купот“ ќе даде старт на сезоната кај мажите – ова е нивно натпреварување и значи многу за нив, тие го поддржуваат 100%, изјави претседателот на „Тенис Австралија“, Крег Тили.

Основачот на „Хопман купот“ и поранешниот тенисер Пол Мекними, изјави за „Еј-Би-Си“ дека ова е тажен ден.

– Ништо не може да го замени „Хопман купот“ во Перт, па затоа сум тажен и загрижен за тоа што ќе се случи со турнирот во иднина, додаде тој.

Меѓународната тениска федерација изјави дека сака да го задржи форматот на мешани тимови и дека добил барања за организација на „Хопман купот“ од градови низ светот.

– Ние сме во преговори со потенцијални партнери каде и кога овој турнир ќе се одржи повторно. Ние ќе го задржиме „Хопман“ жив и со нетрпение очекуваме да ги следиме следните успешни изданија на ова уникатно натпреварување, изјави претседателот на ИТФ, Дејвид Хагери.

Новиот турнир, кој ќе носи 750 поени за светската ранглиста, ќе се одржува секоја година во рамките на 10 дена – неговото деби издание ќе биде помеѓу 3-13 јануари 2020 и ќе биде подготовка за првиот Гренд-слем турнир во Австралија. Сиднеј ќе биде домаќин на натпреварувањето со 24 тима, а Бризбејн и Перт ќе прифатат средби во групната фаза, а нациите ќе бидат поделени во шест групи од по четири тима. Осум екипи ќе продолжат кон елиминациите. Секој тим ќе има максимум пет играчи, а дуелите ќе спротистават два меча во сингл и еден во двојки, како и играч, определен од светската АТП листа. Сé уште не е јасно кои земји ќе играат во градовите домаќини.

– Знаеме дека „АТП Куп“ ќе обезбеди одличен начин за почеток на сезоната, собирајќи ги најдобрите во светот во тимско натпреварување, кое се вклопува во распоредот, обезбедува голем број на поени за рангирање и се поврзува на одличен начин со претстојниот Австралија Опен, изјави претседателот на АТП, Крис Кермуд.

Во текот на годините „Хопман Купот“, кој го доби името по австралиската легенда Хари Хопман, се етаблира како многу популарен формат и привлече многу од најголемите имиња во тенисот. Федерер има рекордни три титули и оваа година тој се соочи со Серена Вилијамс во мешани парови кога Швајцарија играше против САД.

Во тоа време, Вилијамс изјави дека ќе биде „разочарувачки“ ако турнирот излезе од календарот, а Федерер го нарече натпреварувањето „неверојатно“.

Отпаѓањето на „Хопман Купот“ значи и дека нема да има повеќе женски тенис во Перт, иако Тили рече дека е во „сеопфатни разговори“ со Женската тениска асоцијација за спроведување на турнир таму, иако не од 2020.

Сиднеј исто го загуби својот женски турнир од календарот во јануари, но нов турнир за мажи и жени беше најавен во Аделаида, а турнирот во Бризбејн кај жените останува дел од програмата на ВTA.