HOMO HYPOCRITUS

Гордана Попсимонова

Ситниот, немоќен и притап припадник на еден биолошки род, т.н. Homo sapiens, малку поитал да си ја даде престижната придавка – интелигентен. Истиот тој кој неодамна се исправи на две нозе, кој успеа во последниве сто години да дојде на работ на исчезнување заради сопствената себичност, истиот тој кој не умее да комуницира со сопствените припадници од други нации и националности, истиот тој кому се потребни 30 години да го изведе потомокот на свој пат, е тој, токму тој хомо тврди дека може да влијае на големата мајка Природа. Тврди дека се оддалечил од неа, дека ја дораснал, та и надраснал, во својот инстант развој од амеба до владеетел на Универзумот. Смешки! Драги мои човеци, имам за вас една лоша и една добра вест. Претпоставувам дека прво сакате да ја чуете лошата вест.

Лошата вест е дека патот на развојот е еднонасочна улица. Нема враќање назад. Нема спојување со Природата, ако условно сме решиле дека навистина сме се оддалечиле од неа. Не може во исто време да ги уживаме благодетите на големите градови, напредокот на техниката и технологијата, брзината на комуникациите и достапноста на информациите, а да живееме како дедо ѝ на Хајди.

Да не бидеме лицемерни. Растенијата и животните кои ги употребуваме за исхрана, ако одиме според книгата на Природата, никогаш не би биле доволни за да ја исхранат оваа популација. Тие се содадени за проста репродукција, за продолжување на видот. Нивниот вид, не нашиот. И толку. Тоа што премудриот Човек сфатил дека му е вкусно доматчето, сочно мевцето, слатка ракијата, удобен памукот, лут тутунот, е наш проблем или потреба. Не ја мешајте тука Природата.
Ако сте решени да се вратиме само една генерација назад, да се фатиме за оревот и да се пораѓаме на нива, да го напоиме детето со чајче од афионче за да не кенка, за да продолжиме да жнееме со српот (нели комбајните ја загадуваат животната средина), па така уште дванаесет пати, за да на крај преживеат две-три деца, повелете. Има такви спорадични примери ама, како што имам чуено, сепак се пораѓаат во Систина. Со епидурална анестезија.

Ако сте решени да живеете по брдата и долините на оваа наша прекрасна земјичка, да си одгледувате по една бушичка (автохтона раса) за да ни даде млекце колку за по дома – повелете. Од друга страна, нема да ви е жал за млекото што му го одземате на теленцето? Од трета страна, ќе мора бушата да се инсеминира вештачки, за воопшто да има теле. Не е баш природно, ама па и немаме доволно буша за расплод. Од четврта страна, воопшто немојте да се грижите колку и дали воопшто ќе пијат нашите деца млеко. Зборам за нас кои евентуално ќе решиме да останеме по градовите.

Ќе заборавев да ви ја кажам добрата вест. Да не се преценуваме. На Природата не ѝ чуе за нашите академски расправии дали живееме здраво или не. Си има таа свои приоритети. А ние, сапиенсите не сме меѓу нив.