Холштајн: Билатералните проблеми треба да бидат надвор од преговарачката рамка


Германија и другите земји членки на Европската унија сметаат дека билатералните проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека тие проблеми треба да се решаваат билатерално, порачува германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, коментирајќи го бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на Европската унија. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, Холштајн вели дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со регионот на Западен Балкан.

„Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние, и според моите сознанија, сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската унија во овој регион“, вели амбасадорката Холштајн во интервјуто.

Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација доаѓа во време кога во телата на Европската унија се договара преговарачката рамка, за која се очекува да биде договорена до шести октомври.

Германската амбасадорка Холштајн се надева дека земјите членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка и дека одржувањето на првата меѓувладина седница како заедничка цел меѓу Германија и Северна Македонија, ќе се случи во декември.

„Во делот на политиката за проширување, навистина одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно официјалниот старт на разговорите за проширување со Северна Македонија е нашата голема цел која е заедничка цел и на Германија и на Северна Македонија. Во рамките на Европската унија треба да се договориме во однос на преговарачката рамка за која моментално се дискутира во Брисел, кога ќе се постигне договор за тоа, може да дадеме и датум за првата меѓувладина конференција и се надеваме дека тоа ќе се случи во декември“, изјави Холштајн во интервјуто.