Холштајн: Ако нема меѓувладина конференција тоа ќе биде неуспех за германското претседателство

Во однос на процесот на проширување наша јасна цел, на германското претседателство со ЕУ, е да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годината, изјави денеска германската амбасадорка Анке Холштајн.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што би значело евентуално незапочнувањето на преговорите со ЕУ во рамки на германското претседателство со ЕУ, амбасадорката Холштајн, рече дека „секако, тоа ќе биде неуспех“.

„Во март сите земји-членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите и отворање на пристапни преговори за членство со Северна Македонија. Работиме напорно да се одржи меѓувладината конференција и ние сме оптимисти дека ќе успееме да ја достигнеме оваа цел“, изјави Холштајн.

Таа посочи дека Берлинскиот процес во голема мера го олеснува овој процес и изрази уверување дека ќе има конструктивна атмосфера и во ноември за време на заедничкото ко-претседателство со самитот во Софија.

„Ова е важен датум за заокружување на агендата во декември. Согласно правилата и процедурите, 10 ноември и последна шанса за прифаќање на преговарачката рамка и ќе направиме сѐ за ова да се оствари“, истакна Холштајн.

Евроамбасадорот Давид Гир, од својата страна, посочува дека одлуката за отворање на преговорите е донесена во март и сега дискусиите за преговарачката рамка нормално продолжуваат во Брисел.

„Се надевам дека договорот ќе бидат постигнат до крајот на годината“, изјави Гир, одговарајќи на новинарско прашање до кога би била готова преговарачаката рамка.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, исто така, изрази уверување дека и Брисел и Берлин ја препознаваат шансата.

„Во март имавме безусловна одлука да почнеме преговори и мислам дека ќе биде добро и за сите нас, и за ЕУ, и за сите наши соседи тоа да се случи во декември за конечно да добиеме целосен пристап до алатката за пристапниот процес“, изјави Димитров.

Амбасадорката Холштајн, евроамбасадорот Гир и вицепремиерот Димитров зборуваа на онлајн промотивен настан за проектот „Промовирање на заеднички вредности низ Европа”, во организација на Транспаренси интернешенл-Македонија.