Холивудскиот режисер Мофет поставува претстава во Драмски театар


Драмски театар – Скопје ги почна подготовките за нова премиера – NSFW (Not Safe for Work/Несоодветно за на работа) од современата британска драмска авторка Луси Кирквуд, која ќе ја постави актерот, режисер и професор Доналд Ворен Мофет.
„Несоодветно за на работа“ актуелизира родова тема преку критички став за објективизацијата на женското тело и борбата за надмоќ. Премиерата на претставата е планирана за крајот на јули.
Мофет е еден од основачите на „Римеинс тиатар енсембл“ во Чикаго, каде што учествува како актер, режисер и/или продуцент во над 40 претстави. Вниманието на јавноста првпат го привлекува настапувајќи во драмата на Лери Кремер „Нормално срце“ во њујоршкиот „Паблик театар“. Подоцна се појавува на Бродвеј во „Момци на зимата“ и „Вистинското нешто“, како и продукцијата на „Крајот на денот“ од Џон Робин Бејтс.
Меѓу неговите позначајни актерски остварувања е настапот со Кевин Спејси во одличната продукција на „Филаделфија стори“ во лондонскиот театар „Олд вик“ во 2005 година.
По преселбата во Холивуд, кариерата на Мофет е поделена меѓу филмот и телевизијата, а во последните години работи како режисер и професор. Режисер е на дел од серијалите „Среќно разведени“; „Заменети при раѓање“ и продукцијата за деца „Остин и Ели“.