Холивудскиот актер Доналд Ворен Мофет во Скопје: Негувајте ги домашните автори


Американскиот актер, режисер, професор, Доналд Ворен Мофет (64) периодов престојува во Скопје. Тој е ангажиран како режисер во Драмскиот театар и ја подготвува претставата „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд. Премиерата на овој проект ќе биде на 27 јули на „Охридско лето“. Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.

Што мислите за образованието и уметноста? И дали уметничките професии се повеќе интелектуални или интуитивни?

– Лично мислам дека најдобро уметничко образование е искуството. Со тоа што правиш уметност, учиш уметност. Многу е тешко да научиш уметност во училница. Моментално предавам филм и телевизија во колеџ во Савана (Џорџија), „Савана колеџ за арт и дизајн“. Таму го водам одделот за филм. Таму имплементирав курикулум кој ние го нарекуваме „рацете горе“. Тоа значи дека сме многу повеќе со приспособување за продукција, отколку за училница. Мислам дека секое образование од областа на уметноста има полза од некаков бекграунд, некакво знаење од областа на историјата, некакви референции. Доколку си сликар, мора да ги знаеш големите сликари. Доколку си филм-мејкер, мора да ги знаеш најдобрите 300 филмови. Тоа е јазикот на она што го правиш. Но во крајна линија, најголемиот залак од учењето ќе дојде од искуството.

Колку е важна уметноста во едукативниот процес? Кога бев во САД, забележав дека секоја гимназија има театар како нашата опера. Тука, за жал, не обрнуваме доволно внимание на ова…

– Во САД уметноста е првата работа која се отстранува кога буџетот се скратува. Мојата ќерка свири виолончело и за неа најдовме средно уметничко училиште, но мора да возиме еден час до таму. Општо земено, повеќето Американци имаат ужасно уметничко образование. Или пак воопшто го немаат.

Зошто се решивте да станете уметник?

– Татко ми мислеше дека ќе се занимавам со ова 2-3 години, а потоа ќе се освестам и ќе се вратам во бизнис-школата или нешто такво. За мене пак беше чувството дека бев навистина несреќен. Почнав да работам во банка во Чикаго. И го мразев тоа, бев бескрајно несреќен. Еден мој пријател одеше на актерски курс. Тој ми рече: треба да дојдеш, забавно е. Кога отидов, веднаш се заљубив во тоа, мислев дека е фантастично. Таму запознав луѓе, се откажав од банката и основав театарска компанија. Неколку години на сцена бев ужасен, а потоа почнав да заработувам од тоа.

На глобално ниво е многу популарно движењето „Me too“ (И мене исто). Видов дека имате соработувано со Кевин Спејси. Колку е важна етиката во уметноста?

– Мислам дека никој никогаш не смее да ја користи својата позиција за да повреди други луѓе. Имам проблеми со феноменот „клатното се ниша“. Движењето „И мене исто“ како да се занесе многу далеку кон десно. Кевин оплеска и сега ја плаќа цената исто и Харви Вајнстајн. Но исто така мислам дека доколку во овој миг јас кажам за тебе, ти си го направил ова или она, во јавноста може да бидеш уништен. Ќе те снема без да има суд или порота. А тоа е опасно.

Најголемите иноватори на мизансценот имале искуство и во театарот и во филмот, како Орсон Велс, Макс Олфис, Абел Ганц, Рубен Мамулијан. Како и Џорџ Кјукор, кој ја филмуваше пиесата „Филаделфиска приказна“ во која Вие исто така игравте (гореспоменатата со Кевин Спејси). Дали треба врската театар-филм повторно да се воспостави?

– Голем фан сум на Вес Андерсон. Тој е еден од ретките режисери што сè уште снимаат во театрален стил, на начин на кој навистина може да го видиме развојот на мизансценот. Голем дел од американската кинематографија моментално е со мамбл-кор (непрофесионална, импровизаторска, снимена со мобилни телефони). Многу од филмовите кои се моментално со многу интимна содржина, или го преферираат стилот „замолчете ги ајфоните“, кои се многу за актерство како оние на Џон Касаветис и не внимаваат на сликата на сцената. Предизвикот за филмот (да речеме) е дека мора да ја имаш вистината во актерската игра, но често немаш големо чувство за визуелниот стил. Моите филмски студенти, како и повеќето други, немаат бекграунд во театарот, ни во визуелноста. Тие тоа треба да го научат. Некои од моите најдобри филм-мејкери се студенти по сликарство. Бидејќи тие, всушност, мислат на визуелното.

Како Дејвид Линч…

– Токму така. Дури и моите најдобри студенти во Савана се студенти по сликарство. Бидејќи имаат посилно чувство за сценографија.

Што знаевте за македонскиот театар пред да пристигнете? Дали некогаш сте прочитале некој македонски автор?

– Не знаев речиси ништо, за жал. Немав многу предзнаење за македонската сцена, но го гледав филмот „Пред дождот“. Кога дојдов тука во 2016 година, се консултирав низ сериите „На терапија“ и „Инсајдер“. Знам кога актерите се добри, бидејќи и самиот сум актер. Уште откога го режирав мојот прв филм, првата работа што ја правам е да се договорам со актерите.

Што мислите за политиката и слободата на изразување?

– Речиси 99 отсто од американските актери и луѓето од забавната индустрија се многу либерални, се многу лево ориентирани, со слобода на изразување и не гласаат за Трамп. Тука се вклучувам и јас. Мислам дека имаме многу солидарност за слободата на изразување. Никогаш не сме го искусиле обратното. Никогаш не сум бил уапсен. Единствено бев во неволја кога мојот театар во Чикаго имаше претстава на која сите бевме голи на сцена. Дојде полиција и ни кажа ова не смее вака, премногу голи луѓе на сцена. Тоа беше пиеса на Ричард Форман, експерименталниот театарски режисер од Њујорк. Од некоја причина решивме дека сите треба да бидеме голи. Одделот на полицијата од Чикаго мислеше дека тоа не е добра идеја, па ги натеравме половина од актерите да се облечат. Потоа нè пуштија да продолжиме.

Бившите држави од Југославија беа сметани за најлиберални во однос на ова. Во 60-тите имаше сцена кога сите беа голи во мјузиклот „Коса“. Но кога со овие претстави беа на турнеја во Италија им рекоа – не може… Што мислите за репертоарот тука? Ве прашувам бидејќи сме сè уште изолирани.

– Репертоарот во овој театар мислам дека е фантастичен и многу е важно секоја земја да ги негува своите сопствени автори и таленти, но немам големо искуство во ова. Директорката Викторија прави голема работа тука. Таа е многу импресивна. Ја одбравме пиесата заедно. Го сакам мојот кастинг. Сè досега е одлично. Многу, многу сум среќен со работното искуство тука. Исто како да сум работел каде било во САД или во белиот свет. Ова е величествено работно искуство за мене.

Пред некое време во Драмски една гостинка од Бродвеј ни рече – уметниците тука се привилегирани, ние во САД немаме ништо, алудирајќи на тоа дека актерите се со редовно вработување. Дали сте за овој систем на уметник кој е заштитен од државата?

– Отсекогаш сум фан на германскиот театар. Тие имаат систем што е како вашиот. Таму има актери што се постојано вработени во театри. Завидувам на ова. Мислам дека тоа е фантастично, посакувам ова да го имаме во САД. Има само еден мал проблем. Понекогаш кога уметниците или актерите имаат ваков вид сигурност, стануваат мрзливи, престануваат да се инспирираат. Тоа е меч со две острици. Во САД воопшто немаме сигурност. Секогаш сме фриленсери. Мислам дека има нешто добро во ова зашто само најдобрите актери можат да заработат за живејачка, зашто тие успеале со квалитет. Но мислам дека, на пр. додека си млад актер, треба да имаш некаква сигурност за да можеш да си ја зацврстиш кариерата. Знам многу актери што беа навистина добри во САД, но тие едноставно не можеа да ги издржат несигурноста и финансиските проблеми. И напуштија. Ова ме прави тажен, бидејќи знам дека можеа да бидат големи таленти.

Игор Поп Трајков