Холивуд во Скопје: Националниот џез оркестар со избрани поп- хитови ја воодушеви публиката (фото)


Скопје викендов едно два часа беше Холивуд, со концертот на Националниот џез оркестар насловен „Rock Swings“ , според истоимениот албум на Пол Енка, кој на голема врата се врати на сцената на Филхармонија, и со честитка за 80-годишниот јубилеј. 

„Драго ни е што по подолго време повторно свириме во салата на Македонската филхармонија. Неодамна се одржа славенички концерт со наслов ‘80 години љубов‘. И ние се придружуваме кон честитките за јубилејот со оваа љубовна песна“, рече диригентот Џијан Емин за песната „Crazy Little Thing Called Love“ од „Квин“.

И беше вистинска привилегија вечерта да се слушнат „Hello“ од Лајонел Ричи во џез варијанта со топлиот глас на Бранислав Николов, „Just a Gigolo“ со шармот на Дејан Бобиќ-Дексо или „Wonderwall“ од „Оејзис“ од еден толку убав женски вокал како Светлана Јовановска. Соработката на џезерите со Апелгрен е веќе проверена добитна комбинација, а меѓу другите песни кои како да се за него напишани, тој ја испеа и „You Are the Sunshine of My Life“ од Стиви Вондер. Вечерта публиката ги слушна и хитовите од 1980-тите и 1990-тите години, меѓу кои и хитовите на „Спандау балет“, Ерик Клептон, Ван Хален…

На концертот композициите беа изведени во оригиналните аранжмани, платени за овој настан.

Публиката ги знаеше овие песни и уживаше на концертот, потпевнуваше, плескаше во ритамот на музиката. Незаборавно музичко патување во претпразнична новогодишна атмосфера. 

Фото: ФБ на Национален џез оркестар