Холивуд со потпис на Диор: Високата мода на Оливија де Хевиленд на аукција

САД- Колекција на висока мода, со потписот на Диор што ја носела и ја поседувала легендарната британско-американска актерка Оливија де Хевиленд, ќе биде изложена на аукција на 17 септември, во рамките на аукцијата на висока мода на Хиндман.

Последната глумица од златното време на Холивуд, која со Кирк Даглас (исто така роден 1916 година) е единствен жив симбол на „фабриката на соништата“, минатиот месец наполни 103 години.

Таа, исто така, е колекционерка на високата мода. Колекцијата содржи 27 модели собирани три декади- од 1954-1973 година, дизајнирани лично од Диор, вклучително и неговата последна колекција , првата колекција на Ив Сен-Лоран и Марк Бохан, креативните директори во модната куќа „Диор“.

Некои од креациите, особено на Бохан, од 1961, 62 и од 1964 година, актерката ги носела во филмовите во кои глумела „Тивко, тивко Шарлота“,„Однесено од виорот“ …Креациите ја прикажуваат силуетата на „Новиот изглед“ на Диор, па како се менува под водство на Лоран и кај Бохан во 60-70.

„Би сакала да живеам вечно, бидејќи животот за мене секогаш бил чудо. Така и го живеев – како морска авантура во која пловидбата некогаш е мирна, топла и сончева, некогаш немирна и мрачна, прекриена со тешки облаци. Меѓутоа, никогаш не ја загубив радоста во себе, бидејќи среќата не е надвор од нас, не зависи од надворешните околности, како што луѓето најчесто мислат, туку од нашите лични чувства. Затоа отсекогаш ги паметам само убавите настани. Денеска не жалам по ништо – ги проживеав сите свои соништа, сакав и бев сакана. Снимав филмови што ми се допаѓаа, се дружев со прекрасни луѓе. Сѐ друго заборавив и верувам дека тоа е причина за мојата долговечност“.

Така зборуваше де Хевиленд во своето последно интервју од 2016 година, кога го прослави својот 100-ти роденден.

Незаборавната Мелани од филмот „Однесено од виорот“ и денес покажува дека нејзиното време не е поминато – понекогаш се појавува во јавноста, убава и елегантна како и секогаш.

Иако не глуми со децении (последниот филм го сними во1970-тите), Оливија де Хевиленд е ѕвезда и за многу нови генерации филмофили, кои пораснаа со холивудските класици. Нејзината филмска оставина е огромна, снимила над 50 филма во кои соработувала со култни режисери и глумци. Таа двапати добила „оскар“ во 1946 и 1949 година за улогите во филмовите „Секому своето“, и „Наследничка“, а остварила незаборавни улоги во: „Темно огледало“, „Мојата роднина Рахела“, „Тивко, тивко Шарлота“, „Робин Худ“, „Горделив бунтовник“…