Холандските железници ќе им платат отштета на жртвите на Холокаустот

Холандската национална железница НС денеска соопшти дека ќе им исплати десетици милиони евра отштета на Евреите, кои со нејзини вагони биле транспортирани во нацистичките логори на смртта во текот на Втората светска војна.

Право на исплата на отштетата за „црната страница во историјата на НС“ ќе имаат преживеаните логораши, како и роднини на починатите Евреи во логорите.

НС во текот на Втората светска војна остварила голема заработка, која според сегашниот курс изнесува неколку милиони евра, од транспортот на Евреи во нацистичките концентрациони логори.

Компанијата проценува дека право на отштета по овој основ ќе имаат неколку илјади лица, меѓу кои и околу 500 преживеани логораши.