Холандската полиција користеше водени топови против демонстрантите


 

Холандската полиција користеше водени топови, кучиња и полицајци на коњи за да ги растера демонстрантите во центарот на Амстердам кои денеска се побунија против затворањето и приведе повеќе од стотитна луѓе, поради фрлање камења и пиротехнички средства.

Демонстрациите на градскиот плоштад со кои се прекрши забраната за јавни собири, следеа ден по одлуката на Владата прв пат по Втората светска војна да воведе ноќен полициски час.

Демонстрантите, кои повеќето беа организирани од сопствениците на ресторани незадоволни од долготрајните мерки за заклучување во земјата, носеа транспаренти со натписи „сопрете го локдаунот“.

Во страв од побуна или ширење на корона вирусот, градоначалничката Фемке Халсема го означи плоштадот како „зона од висок ризик“ и им даде на полицајците дополнителни овластувања.

Полицијата ги растера демонстрантите од плоштадот, а ги уапси оние кои ги нападнаа со камења и огномет.

Холандскиот парламент со тесно мнозинство изгласа полициски час минатата седмица, поради стравот од ширењето на новиот сој корона вирус. Новите инфекции во земјата сепак опаѓаат веќе еден месец, а во неделата повторно беа помалку.

Исклучоци од полицискиот час, кој треба да трае до 9 февруари, ги вклучуваат медицинските случаи, луѓето кои извршуваат есенцијални работи и лушето кои ги шетаат своите кучиња. Прекршителите може да бидат казнети со 95 евра.

Училиштата и неесенцијалните продавници во Холандија се затворени од средината на декември, по затворањето на баровите и рестораните два месеци порано.

Холандија беше последната земја од Европската Унија која ја почна вакцинацијата и досега вакцинирани се вкупно 77.000 граѓани во земјата од 18 милиони жители.