Холандска вечер на „Охридско лето“ со уметниците Ниек Бар на виолина и Бен Ким на пијано


Во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Холандската вечер, на која ќе настапат виолинистот Ниек Бар и пијанистот Бен Ким.

Ниек Бар важи за еден од најистакнатите холандски виолинисти од својата генерација, познат по харизматичните и впечатливи изведби на најзначајните светски сцени, меѓу кои Филхармонијата во Берлин, „Концертгебау“ во Амстердам, „Гевандхаус“ во Лајпциг, Ориенталниот центар во Шангај и „Гастајг“ во Минхен.

Значаен момент во неговата кариера е победата на натпреварот „Оскар Бак“ во Холандија во 2018 година. Бар, кој дебитирал со Ротердамската филхармонија на 16-годишна возраст, денес настапува како солист со водечки оркестри во Холандија и Европа. Особено плодна е неговата долгогодишна соработка со пијанистот Бен Ким, со кого реализирал низа значајни рецитали и снимки.

Бар е добитник и на повеќе меѓународни признанија, меѓу кои наградите на конкурсот „Принцеза Кристина“, натпреварот „Бах соло“ во Лондон, наградата „Громек“ на фестивалот „Кронберг“ во Германија и наградата „Кејсер“. Роден е во Ротердам во 1991 година, а образованието го стекнал на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“ во Берлин и се усовршувал во Минхен. Настапува на виолина изработена од Карло Бергонци во Кремона во 1729 година.

Неговиот музички партнер во вечерашниот концерт, пијанистот Бен Ким, е победник на 55. натпревар на АРД во Минхен во категоријата пијано и уметник со богата меѓународна кариера. Неговите настапи во концертните сали како „Карнеги Хол“, „Музикферајн“, „Гевандхаус“, „Сантори Хол“ и „Кенеди Центар“ се оценети како енергични и исполнети со музичка виталност.

Бен Ким настапувал со реномирани оркестри, меѓу кои Баварскиот радиосимфониски оркестар, оркестрите на Германското радио, симфониските оркестри од Лајпциг, Балтимор и Дизелдорф, како и со Камерниот оркестар „Концертгебау“.

Добитник е на наградата „ЛОТТО“ за развој на кариерата на Фестивалот во Рајнгау во 2017 година, а неговата дискографија вклучува изданија за реномирани издавачки куќи како „Универзал/Дека“, „Сони Класикал“ и „Челенџ рекордс“.

Холандската вечер на „Охридско лето“ ќе биде уште една можност фестивалската публика да проследи врвни интерпретации на класичниот репертоар од уметници со меѓународно признание.

На програмата на вечерашниот концерт се избрани дела на Франк, Пуленк, Шуберт.