Холандија стави вето на влезот на Бугарија во Шенген поради корупцијата

Парламентот му наложи на премиерот Марк Руте да не гласа за влегувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната


Гневни напади врз холандскиот премиер: Румен Радев и Марк Руте

 

Холандскиот парламент донесе резолуција во која се вели дека премиерот Марк Руте не треба да гласа за пристапување на Романија и Бугарија во Шенген зоната, изјави холандскиот европратеник Софија ин’т Велд за романскaта агенција Аџерпрес.

„На мое големо жалење, холандскиот парламент донесе резолуција во која се вели дека Холандија не треба да гласа за пристапување на Романија и Бугарија во Шенген зоната. Длабоко жалам за ова. Мојата партија гласаше против оваа резолуција, сакаме Романија и Бугарија веднаш да влезат во Шенген зоната, ги исполнивте потребните критериуми. Мора да разберете дека не се сите против тоа во Холандија. Мојата партија сака Бугарија и Романија веднаш да влезат во Шенген, но повеќето партии во владата не го сакаат тоа“, коментира Софија ин’т Велд.

Пред два дена, Европскиот парламент со големо мнозинство усвои резолуција со која по трет пат се повикува на земјите-членки да им дозволат на Романија и Бугарија да се приклучат на Шенген зоната за бесплатно патување веќе оваа година.

Но, мнозинството во холандскиот парламент е со спротивно мислење. Тие сакаат прво да го анализираат функционирањето на владеењето на правото, намалувањето на нивото на корупција и организираниот криминал во двете земји

Во документот, усвоен од холандскиот парламент, се наведува дека проблемите поврзани со корупцијата и организираниот криминал „може да предизвикаат сериозни проблеми за функционирањето на граничната контрола на засегнатата земја и затоа претставуваат ризик за безбедноста на Холандија и на целата Шенген зона“.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев пред еден ден изјави дека вратата за влез во Шенген за Бугарија и Романија е веќе „широко отворена“. Тој, сепак, призна дека Холандија и понатаму е против, но го изрази својот оптимизам дека до средината на декември може да дојде до одреден позитивен развој.

Бугарскиот претседател Румен Радев реагирајќи од Брисел на оваа резолуција оцени дека неговата земја и  и Романија станале „заложници на внатрешната политика во Холандија, каде претстојат избори“. Поврзувањето на резолуцијата со изборите не е точно, затоа што Холанѓаните излегоа на гласање лани,а следните парламентарни избори се закажани за 2025.

„Холандија сега е сама. Сите земји стојат зад Бугарија, оваа поддршка е важна и ќе доведе до вистински резултат. Имав разговори со канцеларот Шолц, претседателот Макрон, премиерите на Данска и Шведска. Како и прилично темелен со Марк Руте. Имам уверување од чешкото претседателство дека ќе работи на решавање на ова прашање. Важно е во време на економска криза да не стоиме со блокирани граници“, рече Радев.

Романскиот премиер Николае Чука коментира дека холандската резолуција не е загрижувачка бидејќи Романија направила сѐ што е потребно за да ги исполни техничките услови за пристапување, особено во однос на усогласеноста со условите поврзани со владеењето на правото, корупцијата и организираниот криминал. Тој додаде дека холандските власти би можеле да дојдат во посета на проверка на фактите доколку мислат дека има проблеми.

„Срамота! Тие се тие што ја уништуваат ЕУ. Не се работи за принципи, туку за двојни стандарди и старо колонијално однесување“, напиша на Твитер поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша. (Според агенциите)