Холандија ќе рече „да“ за преговори со Македонија и Албанија


Комитетот за надворешна политика на холандскиот парламент денес расправаше за започнувањето на преговорите со Македонија и Албанија и, со ограда дека не се знае дали ќе биде тргната блокадата од Бугарија за нашата држава, даде генерална поддршка за двете земји. Одлуката сепак треба да биде потврдена на пленарна расправа што ќе се одржи пред 22 јуни.

Министерката за надворешни работи Сигрид Кааг од либералната партија Д66 оцени дека сѐ уште не е јасно дали ќе бидат усвоени рамките за преговори затоа што е блокирана Северна Македонија, но претседателството на ЕУ, според неа, работи на решение. Таа јасно порача дека холанската влада сака да започнат преговорите со двете земји и дека тоа е интерес и на официјален Хаг.

Според неа, ЕУ треба да биде геополитички актер, а проширувањето е инструмент за тоа. Таа додаде дека Холандија, за разлика од претходната расправа, сега е задоволна од напредокот на Албанија, но треба внимателно да го следи. Таа сепак не очекуваше одлука за почнување на преговорите со двете земји на 22 јуни. Новата методологија, оцени сепак таа, го прави процесот построг, а условеноста е подобрена при што напредокот зависи од самите кандидати.

Предлозите може да се достават само на пленарна седница, така што денес се преставуваа само позициите на партиите, нивните прашања до министерот и одговорите на министрите. Сè уште нема датум кога ќе се одржи пленарната дебата, но таа треба да биде пред 22 јуни, кога се одржува состанокот на амбасадорите во ЕУ. Тогаш ќе се знае со сигурност дали мнозинството во холандскиот парламент се согласува со намерата на владата да поддржи одржување на меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија.

На почетокот на дебатата на овој комитет, другите две партиите од владината коалиција, ЦДА и ВВД (чиј лидер е премиерот Марк Руте) објавија дека ќе побараат кратка пленарна дебата во холандскиот парламент пред советот на ГАК, за да можат да достават предлог до министерот со кој ќе побараат да се продолжи со внимателен мониторинг на состојбата во Албанија за време на преговорите.

„Постигнат е сериозен напредок. Комплименти за ВВД и ЦДА што беа строги, но исто така и фер. Напредокот треба да биде награден. Тоа не значи членство утре. Но, ако може да се направи чекор во вистинската насока, треба да се направи“, порача Кааг.

Вики Мејер од националистичката ПВВ оцени дека извештајот од последниот ГАК на ЕУ забележал дека постојаните одложувања му штетат на процесот на пристапување во ЕУ. „Но постојат и други нешта што многу повеќе ни штетат, така што ПВВ е против експанзионистичката агенда на ЕУ“, рече таа.

Од групата на евроскептици оценка даде и пратеникот Ван Дајк (СП) кој запраша дали ЦДА ќе ѝ дозволи и на Русија да се приклучи ако ги исполни критериумите, на што му реплицираа дека светот би изгледал многу убаво ако се случи тоа.

Одговарајќи му на Ван Дајк, еден од пратениците од ЦДА забележа дека со оваа одлука само ќе се означи почетокот на пристапните преговори, а не вистинското членство.

„Секогаш има 10 причини да не се продолжи, но има некои фундаментални причини зошто ЕУ треба да продолжи“, рече тој. Според него ЦДА отсекогаш била критична кон Албанија, а причините вклучуваат организиран криминал, корупција, измами во албанскиот политички систем и влошување на владеењето на правото во самата ЕУ. Но, нагласи тој, ЦДА ја поддржува владината позиција сега.

На прашањето во кои области Албанија сепак не ги исполнува критериумите беше посочена новата американска црна листа. (Н.В.)