Холандија ја отвори вратата за Македонија, остана уште Париз


Парламентот во Холандија, една од најскептичните земји за проширувањето на ЕУ, во вторникот вечерта го поддржа отворањето на разговорите за пристап со Северна Македонија, а за Албанија зазеде многу покритичен тон и не се согласи да даде зелено светло.

Холандските пратеници го разјаснија својот став на само една недела пред министерскиот состанок на ЕУ на 15 октомври и самитот на европските лидери на 17 и 18 октомври. Тогаш земјите на ЕУ треба да донесат конечна одлука дали треба да започнат преговори за членство со двете балкански држави, како што стоеше во заклучокот во јуни.

На седницата на парламентарната комисија за прашања од ЕУ, што се одржа на иницијатива на министерот за надворешни работи Стеф Блок, беше заклучено дека Македонија презела многу позитивни чекори во последните неколку години. Иако во дискусијата беше нагласено дека Македонија не ја завршила задачата да донесе нов закон за обвинителство, со кој треба да ја утврди судбината на многу случаи на корупција на високо ниво покренати од Специјалното јавно обвинителство, тоа за пратениците не беше проблем што би го направиле како услов.Министерот Блок во дискусијата тврдеше дека неуспехот на земјата да го донесе овој закон е главно поради однесувањето на опозициските партии, а не на владата.Ваквата разврска Стеф Блок ја најави уште пред неколку дена кога по седница на владата изјави дека патот за Северна Македонија е чист за да започне преговори со ЕУ.

„Северна Македонија презеде големи чекори напред“, рече министерот Блок. „Албанија сè уште не е подготвена за тоа. Албанија треба да преземе понатамошни чекори, особено во борбата против корупцијата и подобрување на владеењето на правото“, рече Блок.

Холандската амбасада во Тирана преку соопштение потврди дека Хаг сака Албанија и Северна Македонија да бидат третирани одделно и да се оценуваат поединечните заслуги кога ќе се одлучува за преговорите со Европската Унија. Албанија мора да стори повеќе за борба против корупцијата и организираниот криминал, се вели во соопштението.

Во расправата во холандскиот парламент сепак имаше разногласие околу давањето датум за земјите. Двете екстремни партии, од левицата и од десницата, беа на ставот дека ни Македонија ни Албанија не треба да добијат датум. Ваквите објаснувања за Македонија беа поврзани со скандалот „Рекет“, во кој е вмешана и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Некои партии, како Зелените, бараа одлуката да биде во согласност со онаа на германскиот парламент, Бундестагот, која минатиот месец го поддржа безусловниот почеток на разговорите со Северна Македонија и условниот почеток за Албанија.Но, повеќето пратеници, вклучително и министерот за надворешни работи, се определија за тврдо „не“ за Албанија, велејќи дека тие ги поздравиле чекорите што биле преземани, но сметаат дека започнувањето на разговорите за пристап со Тирана е „прерано“.Сепак, Блок рече дека ако сите други земји членки на ЕУ поддржат датум за почеток на разговорите со Албанија во Европскиот совет, Холандија нема да го попречи тоа.

Заклучоците од дебатата во холандскиот парламент сега ќе треба да бидат сублимирани во заеднички став на сите парламентарни партии.Оваа позиција на Холандија, и онаа на германскиот парламент, велат европски извори, сигурно ќе има влијание и врз тоа каков став ќе заземе Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон не би сакал да се најде целосно осамен во врска со датумот за Македонија. Но од Париз засега нема јасен сигнал за што ќе се залага на министерскиот состанок на 15 октомври, а потоа и на самитот. (Н.Р.)