Холандија изразила загрижена за измените на Кривичниот законик
„Имав контакт со холандскиот амбасадор и со претставници од Хаг. Изразија загриженост и рекоа дека натаму ќе ја следат ситуацијата. Ништо повеќе од тоа што се најде во соопштението на Европската комисија. Ние сме во комуникација, Холандија беше, да речам, единствена која реагираше и директно, билатерално, а останатите преку ЕК“, рече Маричиќ во интервју за „360 степени“.
Реакцијата од Холандија дошла после усвојувањето на законските измени во Собранието.
„Сите реакции беа откако законот беше донесен, иако ние навремено ја информиравме и Европската комисија и претставниците на САД дека ќе се донесе таков закон“, рече вицепремиерот за европски прашања.
На прашањето – дали очекуваат тоа да стане проблем и во еден момент Холандија каже – ние сега не можеме да дозволиме процесот да продолжи дури и ако уставните измени се донесат – Маричиќ одговори дека не очекуваат такво нешто.
„Мислам дека нема отворено прашање или проблем кое не можеме да го решиме во текот на преговарачкиот процес, сега е моментот. Имаме и холандски експерт кој работи на патоказот за владеење на правото, заедно со нашиот тим“, смета Маричиќ.
Токму холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп во мај годинава потсети дека единствената причина поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било токму гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО.
„Она што ние напротив го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој“, рече Коп во мај.Три месеци подоцна, со донесување на измените на КЗ, се овозможи застарување на 14 судски предмети на СЈО во кои се обвинети над 80 лица. Притоа, во оваа пресметка што ја направи Коалицијата Сите за правично судење, не беа земени предвид и случаите кои во моментот се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Информацијата дека од Холандија било побарано да номинира експерт во работната група која што ќе го креира патоказот за владеење на правото, исто така ја обелодени вицепремиерот Маричиќ во јуни година. А тоа уследи откако холандскиот амбасадор во РСМ оцени дека состојбите во правосудството во РСМ се влошуваат, и дека по преседанот со разрешување и именување на претседател на Судскиот совет Кралството Холандија решило да стави во мирување голем проект за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.