Холандија и Англија вечерва во битка за финалето на Европското првенство


Дортмунд – Фудбалските репрезентации на Холандија и Англија вечерва од 21 часот во Дортмунд ќе играат во полуфиналето на Европското првенство.

Фудбалерите на Англија групната фаза на континенталниот шампионат ја завршија на првото место на табелата со пет бода. Фудбалерите на „Гордиот Албион“ најпрвин ја победија Србија (1:0) во групата Ц, а потоа забележаа две ремија против Данска (1:1) и Словенија (0:0). Во осминафиналето на ЕП Англија по продолженијата ја совлада Словачка (2:1), а потоа во четвртфиналето по подоброто изведување пенали ја совлада Швајцарија (5:3, 1:1).

Англиските репрезентативци го постигнаа најдобриот резултат на континенталните првенства пред три години, кога во финалето на Европското првенство на лондонски „Вембли“ по изведувањето пенали беа поразени од Италија (3:2, 1:1) (3:2, 1:1). 

Холандските фудбалери групната фаза на Европското првенство ја завршија на третото место со четири бода. Холандија во првото коло од групата Д ја победи Полска (2:1), а потоа одигра без голови против Франција. „Лалињата“ во третото коло беа поразени од Австрија со 3:2. Холандските фудбалери потоа ја победија Романија (3:0) во осминафиналето на ЕП, а потоа во четврт-финалето беа подобри од Турција (2:1).

Најдобриот резултат Холандија го постигна на Европското првенство во 1988 година, кога ја освои титулата европски првак. Тогаш Холандија во финалето го совлада Советскиот Сојуз со 2:0.

Репрезентациите на Англија и Холандија имаат одиграно 22 дуели во историјата. Холандија победи на седум натпревари, Англија шест натпревари, додека девет натпревари завршија нерешено.

Германскиот судија Феликс Цвајер ќе биде главен судија на натпреварот помеѓу Холандија и Англија. Негови помошници ќе бидат Германците Стефан Луп и Марко Ахмилер, додека УЕФА за четврти судија го назначи Даниел Зиберт. Во ВАР просторијата ќе бидат и Германците Бастијан Данкерт, Кристијан Дингерт и Марко Фриц.

Победникот од натпреварот Холандија – Англија ќе игра во финалето на ЕП со Шпанија, која синоќа во првото полуфинале ја победи Франција со 2:1.

Финалето е закажано за в недела од 21 часот во Берлин.