Холандија ги затвори баровите и рестораните
Забранети се јавни собирања на повеќе од четири лица, забранета е продажбата на алкохол навечер. Холандија сега има една од највисоките стапки на инфекција по глава на жител во светот
Холандија ќе се врати во „делумна блокада“ од среда, рече холандскиот премиер Марк Руте, затворајќи барови и ресторани додека се бори за контрола на корона вирусот во едно од најголемите жаришта во Европа.
„Денес најавуваме нови и цврсти мерки и всушност одиме на делумна блокада“, рече Руте на телевизиска прес-конференција. Тој рече дека ќе бидат забранети јавни собирања на повеќе од четири лица, а продажбата на алкохол навечер исто така ќе биде забранета.
Училиштата треба да останат отворени и јавниот превоз ќе продолжи да работи, за разлика од мерките наметнати при делумно заклучување на почетокот на оваа година.
Мерките ќе траат најмалку четири недели, со преглед на нивното влијание по две недели. Доколку се покажат неефикасни, може да следат построги ограничувања, рече министерот за здравство Уго де Јонг.
Мерките објавени во вторникот, исто така, вклучуваат задолжително носење маски за лица од 13 години и постари во затворени простории. Максимум 30 лица ќе имаат дозвола да се собираат во затворено и работното време на продавниците ќе биде ограничено.
Бројот на случаи во оваа земја со 17 милиони жители се зголеми во последните неколку недели на дневен рекорд од речиси 7.400 во вторникот. Сега има една од највисоките стапки на инфекција по глава на жител во светот.
Владата на Руте беше незаинтересирана да воведе повторно поостри ограничувања што може да му наштетат на кревкото економско закрепнување, но тој беше под притисок на здравствените експерти да преземе мерки за да избегне преоптоварување на здравствениот систем.
Додека многу нејзини европски соседи воведоа задолжителни ограничувања, Холанѓаните во голема мера се држеа до доброволните упатства, вклучително и за носењето маски.
Но, Руте рече дека владата ќе донесе итно законодавство доколку биде потребно да се направи употреба на маската задолжителна и ги повика граѓаните повторно да избегнуваат несуштинско патување. (Ројтерс)