Холандија: Брисел треба да се замисли, најнапредните земји го избегнуваат


 

Европската унија треба да се погледне во огледало и да се запраша зошто не успева да ги привлече најнапредните земји во свое полноправно членство, изјави холандскиот министер за финансии Вопке Хоекстра.

Тој за британскиот дневник „Financial Times” изјави дека катастрофално е тоа што земји како Норвешка не сакаат во ЕУ, а други држави, како Данска, го избегнуваат еврото и слични проекти, додека Велика Британија е на излез од членството.

– Земји како Норвешка и Швајцарија се фантастични за живот, со одлично стопанство, а одлучиле да не бидат дел од ЕУ. Шведска и Данска одлучија да не бидат дел од еврозоната, а нашите британски пријатели, на мое изненадување, заминуваат од членството – вели Хоекстра.

Според неговите зборови, ако не можете во свое членство да ги привлечете наведените земји, а притоа ја губите Велика Британија, тогаш е време да се погледнете во огледало, затоа што тоа е нешто што не може да го игнорирате.

Хоекстра негира дека Холандија ја презела улогата на Британија постојано говорејќи „не’ на блиската европска интеграција, и место тоа, сака да има „конструктивна“ улога.