Хит-серијата „На лош пат“ ќе добие продолжение


Ѕвездите на хит-серијата „На лош пат“, Брајан Кренстон и Арон Пол, скоро истовремено, објавија иста слика од две магариња, со истиот придружен коментар: „Наскоро“.
– Со нетрпение го чекам ова – напиша сценаристот на серијата Питер Гоулд на една од објавите. Сè ова уште еднаш ги разгоре гласните за можен филм продолжение на светската хит-серија која заврши пред шест години, кое, пак, во мигов е една од најголемите холивудски мистерии, објави ИМДБ.
Серијата „На лош пат“ (Breaking Bad) е приказна за просечен професор по хемија (Кренстон), кој се соочува со неизлечива болест, па тогаш решава да се впушти во водите на организираниот криминал, заедно со свој поранешен студент (Пол), кој веќе пошол на тој лош пат. Поради знаењето и остроумноста на професорот, тие ги избегнуваат сите пречки и заработуваат милијарди долари, сè додека на крајот полицијата не им влезе во трага. Во последната епизода, професорот паѓа повреден и слаб од болеста, и сè укажува дека тој веќе умира, но тука сцената прекинува и гледачот не го гледа тоа.
Некој можеби ќе рече има простор професорот и да бил спасен… Некои, пак, сметаат дека можеби се работи за сосема нов проект на актерскиот тандем Кренстон – Пол.
Минатата година американските медиуми објавија дека приказната од серијата ќе се враќа во форма на филм.
„Вараети“ објави дека креаторот на серијата Винс Гилиган работи на проектот. Нема повеќе детали за филмот, освен краткиот синопсис објавен во „Албукерки џурнал“, во кој стои дека тој ја следи приказната на киднапиран маж и неговата борба за слобода.
Нема информации ни дали филмот, за кој медиумите пишуваат дека има работен наслов „Greenbrier“, ќе се прикажува во кината или на телевизија, но ќе почне да се снима во текот на месецов и продукцијата ќе трае до февруари 2019.
„На лош пат“, која многумина ја сметаат за една од најдобрите серии на сите времиња, се емитуваше од 2008 до 2013 година и освои два „Златни глобуси“.