Хит-претставата „Вардарски пастуви“ на турнеја низ Македонија

Хит-претставата „Вардарски пастуви“  на НУ Театар Комедија започнува турнеја низ Македонија. Почетокот на турнејата е закажан за 27 мај, понеделник, во Кочани, каде што претставата ќе биде дел од свеченото отворање на ДАФ (Фестивал на аматерскиот театар), а веќе следниот ден, на 28 мај, екипата на „Вардарски пастуви“ ќе игра во Центарот за култура ,,Антон Панов“ во Струмица.

„ Секоја изведба на оваа претстава е целосно распродадена во нашиот театар и ги руши сите рекорди на гледаност, па така најчесто билетите се распродаваат за само 40 минути. Многумина од посетителите ни реагираат бидејќи не можат да дојдат на ред за билет. Морам да истакнам дека имаме многу побарувања за оваа претстава и за надвор од Скопје. Ние како управа решивме да започнеме со турнеја низ државата, стартуваме со Кочани и Струмица, но во план ни се уште неколку градови“,  изјави директорот на НУ Театар Комедија, Сашо Ристовски.

Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Столе Мицов, Едмонд Сотир, Жаклина Петровска и Ердоан Максут, а режисер е хит мејкерот Синиша Евтимов.