Хирошима: Денес современ јапонски град, пред 74 години пекол на Земјата


Јапонија– Хирошима денес, 74 години по нуклеарниот напад, изгледа недопрено, како ништо да не се случило, како жителите на овој јапонски град отсекогаш да живееле во спокој, дисциплинирано, во чиста околина, својствено за Јапонија. Воздухот чист, нормален, ништо во Хирошима денес не потсетува дека тука пред 74 години се случил хоророт на човештвото, не покажува дека луѓето го доживеале пеколот во вистинска смисла на зборот.

Но, тоа е првиот впечаток што се добива кога ќе се пристигне во овој јапонски град, сместен на островот Хоншу, среден и уреден по теркот на јапонските стандарди.

Сепак, колку подолго престојувате тука во разговор со локалните жители, но и по посетата на Меморијалниот музеј на мирот во Хирошима и Меморијалниот споменик на жртвите на атомската бомба, сфаќате дека во колективната меморија на луѓето од генерација на генерација се пренесува стравотниот настан, што се случил точно на денешен ден пред 74 години.

На конференцијата во Постдам во јули 1945 година, на која учествуваа Велика Британија и советските лидери, американскиот претседател Хари Труман беше информиран дека нуклеарната бомба успешно го поминала тестирањето.

Следните денови САД, Велика Британија и Кина ја усвоија Постдамската декларација со која од Јапонија се бара безусловна капитулација. Јапонија не ја прифаќа декларацијата.

САД почнуват да ги разгледуваат можните цели за нуклеарен напад, уште во пролетта 1945 г.одина. Потенцијалните цели требале да бидат урбани области, со цел психолошкиот ефект врз Јапонците да биде поголем.

Листата на кандидати е намалена на неколку града, а на 25 јули била донесена одлука првата бомба да биде фрлена по 3 август на еден од следните градови Хирошима, Кокура, Нигата или Нагасаки. Нигата отпаднал и на 2 август Хирошима била одредена како првата цел на напад – закажан за 6 август 1945 година.

Пекол на Земјата

Трупови на сите страни, потечени од високата температура на која биле изложени, преживеани со отворени рани по телата, од кои излегуваат црви, луѓе кои поради изгорениците не можеле ниту нормално да ги држат рацете покрај телото и морале да ги кренат пред себе како зомби во филмовите, е глетката што можела да се види тогаш во Хирошима.

МИА имаше можност во градот да разговара со 80-годишна Јапонка, учителка по пијано, која го преживеала нападот и во чија меморија сè уште останале ужасите што таа и нејзините сограѓани ги преживеале на 6 август пред 74 години.

Катсуко Кувамото тогаш имала шест години. Се сеќава на деновите пред нападот, време на Втора светска војна, Јапонија се бори на страната на Оската на злото, а граѓаните се соочуваат со глад. Тогаш тргнала во училиште и била пресреќна.

– Кога почнав да одам во основно училиште американските авиони Б-92 честопати надлетуваа над градот и секогаш нивното надлетување беше најавувано со сирени, вели таа и појаснува дека само што почнала да оди на училиште, властите издале наредба сите деца во градот да се иселат од него во периферијата и да престојуваат кај некој роднина.

Таа и нејзината сестра, која во тоа време имала осум години, биле испратени кај роднини надвор од градот, нивната мајка останала да живее во семејната куќа, која се наоѓала на 1,3 километар оддалеченост од хипоцентарот, а нивниот татко бил регрутиран од војската, бидејќи било време на војна.

На 6 август 1945 година светот го доживеа првиот напад со нуклеарна бомба. Тој ден без никаква најава „малото момче“ удри во Хирошима.

Кувамото била на училиште. Таа вели дека во тој момент од силната експлозија целата зграда почнала да се ниша како да има земјотрес. Стаклата на прозорците се распрскале на сите страни и сето тоа било проследено со стравотно гласен звук.

Нуклеарната реакција ослободила огромно количество енергија во мошне кусо време. Се проценува дека температурата во центарот на експлозијата достигнала 4.000 Целзиусови степени.

Комплексната интеракција на топлина, експлозија и радијација во Хирошима, а потоа и во Нагасаки предизвика штети од огромни размери.

Прекрасна блескава светлина се појави на небото

Нешто величествено, прекрасно, преубава светлина се појави на небото. Вака ја доживеал бомбата пред да удри на копното еден во тоа време средношколец, кој работел на патот во градот.

Тој на Кувамото подоцна ѝ раскажувал дека пред да стане свесен за ужасот што следи бил маѓепсан од тоа што го гледа. Не бил свесен дека таа „убавина“ за мошне кусо ќе го срамни со земја неговиот роден град.

Во зоната околу хипоцентарот било пустош, дрвените куќи биле срамнети со земја, градбите од поцврст материјал не биле разурнати, но сепак биле оштетени со искршени прозорци, беснеел пожар на сите страни.

Луѓето изложени на директната топлина на еден километар од хипоцентарот се здобиле со изгореници од петти степен или полошо, а оние кои биле во зоните на 3,5 километри од хипоцентарот имале изгореници од прв до четврти степен.

Билансот на загинатите на денот на нападот достигнал 80 илјади лица, но подоцна таа бројка ќе се зголемува.

Семејната куќа на Кувамото се наоѓала на 1,3 километар оддалеченост од местото каде што е фрлена бомбата. Куќата била разурната до темел, а нејзината мајка била затрупана во урнатините. Мајката на Кувамото воопшто не можела да се движи, ја спасиле соседите кои преживеале.

Нејзината мајка останала во т.н. црвена зона на градот, откако закрепнала се упатила да ги најде своите две ќерки, но не можела да стигне до куќата на нејзините роднини, кои биле на север од нејзиниот веќе разурнат дом, поради пожарот што беснеел.

– Никој не можеше да сфати колку голема и моќна беше таа експлозија и дека толку голем дел од земјата може да биде зафатен од пожар. Сите членови на семејството во кое престојував не можеа да сфатат што се случило, а еден од моите роднини одлучи да замине да ја бара мајка ми. Но, по 500 метри од домот, откако ги видел пустошот и пожарот што беснее, се вратил, вели таа.

Три-четири дена биле во домот, биле вознемирени, не знаеле што точно се случило, каков бил тој стравичен напад. По тие неколку дена во изолација, Кувамото, сестра ѝ и нивната тетка заминале да ја бараат нивната мајка.

– Стигнавме до оддалеченост од 500 метри, каде што претходно беше нашиот дом и видовме голем број трупови, расфрлани насекаде. Ги гледавме внимателно поради можноста некој од нив да не е на мојата мајка. Беше лето, најтоплиот период во Јапонија. Можете да замислите како изгледа мртво тело изложено на жештина. Насекаде се ширеше одвратен мирис, не можевме повеќе да издржиме. Главите на сите тела беа по 1,5 пати поголеми од вообичаеното поради изгорениците и беше тешко да се препознаат, вели Кувамото.

Гледале преживеани и ранети луѓе. Некои од нив жедни се обидувале жедта да ја изгаснат од водите на реките во градот, несвесни за тоа што се случило, дека станува збор за атомска бомба и дека сè е изложено на радијација. Една голтка од водата била доволна за да се забрза нивната смрт. Телото освен од надвор со пиење на водата се здобивало и со внатрешни изгореници. Реките во Хирошима, кој е познат и како Градот на водата, биле исполнети со мртви тела.

Болниците биле оштетени, не можеле никако да им помогнат на преживеаните, освен да им понудат да легнат на земја. Инструментите и опремата биле уништени, а и самиот персонал страдал од повреди. На телата на ранетите почнале да се појавуваат црви, кои им ја цицале крвта и им ја пиеле телесната течност. Глетката била стравотна – ранети луѓе прекриени со црви по телото, сами не можеле да се ослободат од нив, морало некој да им помогне, а ретко некој имало во близина.

Повторно среќавање со мајката

Потрагата по нејзината мајка била безуспешна, но таа самата една недела по експлозијата успеала да стигне во куќата на нејзините роднини.

Радоста била преголема кога повторно се сретнале со мајка си. Кувамото вели лицето на нејзината мајка било модросино. Била изложена на радијација и дошло до оштетување на внатрешните органи. Не биле свесни што се случува и какви ефекти има радијацијата на која биле изложени. Всушност и не биле свесни дека биле изложени на радијација.

Мајка ѝ по некое време почнала да плука крв. Мислеле дека е болна од туберкулоза, но како што минувале годините се појавувале нови болести.

Во меѓу време се вратил и нејзиниот татко, а со текот на времето здравствената состојба на нејзината мајка била сè полоша и полоша. Ѝ дијагносицирале рак на белите дробови, потоа на лимфните жлезди, а на крајот била погодена и од рак на мозокот. Починала 15 години по нападот врз Хирошима.

Како последица на разни постефекти од фрлањето на бомбата, со која се забрза завршувањето на Втората светска војна до крајот на 1945 година, билансот на жртвите достигнаал 140 илади луѓе, а до денес над 300 илјади луѓе.

Кувамото денес живее со сеќавање на ужасот, но вели не чувствува гнев кон САД или која било друга држава во светот. Благодарна е што преживеала и се радува на секој момент, особено на оние поминати со нејзините три внуци.

Меморијалниот музеј на мирот – сеќавање на трагедијата

Во непосредна близина на хипоцентарот се наоѓа Меморијалниот музеј на мирот. На самиот влез во зградата има голем часовник, кој ги одбројува деновите поминати од нападот, но и бројот на деновите од последниот нуклеарен тест.

Насекаде во него се изложени експонати од полуништени предмети – облека, покуќнина, велосипеди, но има и фотографии слики од лица кои починале на самиот ден, но и подоцна како последица на разни заболувања поради изложеност на радијација.

Во него има и реплика од „Малото момче“. Бомбардерот Б-29 „Енола Геј“ во 8:15 часот по локално време од висина од 9.600 метри ја фрлил бомбата наречена „Малото момче“, која по 43 секунди експлодирала на 600 метри над земјата.

Бомбата била ураниумска, во неа имало ураниум 235. Енергијата ослободена од експлозијата на оваа бомба била еквивалент на 16 килотони ТНТ.

Бомбата тешка околу четири тони за секунда ги убила сите што биле во радиус од 500 метри и уништила 90 отсто од градот. Околу 45 минути по експлозијата почнал да паѓа „црн дожд“ од радиоактивни честички.

– Црн црн дожд, огромни капки. Луѓето ги креваат главите кон небото, со широко отворени усти. Жешки тела, многу жешки, сакаат вода, е песна од Акикио Такакура, која може да се прочита во Музејот.

Може да се видат и едни од ретките фотографии направени по нападот. Јошито Матсушиге е авторот на овие фотографии, кои сведочат за ужасите низ кои поминале жителите на градот.

Од нападите на Хирошима и Нагасаки како тест или демонстрација нуклеарно оружје е употребено над две илјади пати.

Единствените земји за кои со сигурност се знае дека детонирале нуклеарно оружје се САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Пакистан и Северна Кореја. Се верува дека и Израел поседува нуклеарно оружје, меѓутоа тие го негираат ова тврдење.

Хирошима и Нагасаки остануваат сведоштво за ужасот на употребата на нуклеарното оружје, а доколку дојде до нуклеарна војна во светот огромен број луѓе ќе бидат ранети или убиени на самото место веднаш по експлозијата.

Дополнително радиоактивна прашина и други честички ќе се прошират во стратосферата, каде што ќе ги блокираат сончевите зраци, предизвикувајќи опаѓање на температурите. Ќе настапи нуклеарна зима, која ќе биде глобална и ќе трае со години. Нуклеарната зима ќе има свој ефект врз производството на храна, луѓето ќе страдаат од глад, а многу животни видови ќе изумрат. Последиците се несогледливи.(МИА)