„Хипноза на една љубов“ – премиера на Драмски театар


Драмски театар-Скопје премиерно ќе ја изведе претставата „Хипноза на една љубов“ од  Душан Ковачевиќ, во режија на Димче Николовски.

Се работи за најновиот текст на Ковачевиќ, досега изведен само во матичниот театар на авторот – „Театар Звездара“ од Белград. Како што соопшти Драмски театар, текстот „Хипноза на една љубов“ може да се нарече бајковно тажна, магична комедија, со добронамерни ликови.

– Тоа ја прави приказната бајка. Тагата која ја носат ликовите е од нивната осаменост затоа што нивните деца си заминуваат од своите домови и одат во туѓина. Тоа што овој текст го прави голем е начинот на кој авторот ја пренесува болката, така што слушателот и гледачот го тера да се насмее, соопшти ДТС.

Во актерската екипа се: Драган Спасов-Дац, Маја Вељковиќ-Пановска, Соња Стамболџиоска, Ѓокица Лукаревски, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ. Сценограф е Тодор Дајевски, костимограф е Раде Василев, музиката е на Александар Митевски, визуелните ефекти на Милчо Узунов

Премиерата на претставата ќе биде на големата сцена на Драмски со почеток во 17:30 поради  препораката да не се излегува без поголеми потреби по 21 часот.