Хиперинфлацијата во Венецуела „забави“ на 135.000 отсто


Хиперинфлацијата во Венецуела, најлоша во поновата историја на земјата, во август забавила на 135.000 отсто на годишно ниво, бидејќи меѓу јуни и јули годинава беше речиси двојно поголема, соопшти денеска парламентот во кој опозицијата го има мнозинаството.

Но, месечниот раст на цените, што во јули изнесуваше 33 отсто, во август скокна на 65,2 отсто, покажуваат податоците на пратеникот Анхел Алварадо, член на комисијта за финансии.

-Забавувањето што беше забележено во текот на последната година е резултат на почетокот на монетарната дисциплина почната од социјалистичката Влада на Николас Мадуро и на намалувањето на јавната потрошувачка, оценува економистот Аструбал Оливерос, пренесуваат француските медиуми.

Обичниот граѓанин со минимални примања може да купи само два отсто од кошничката со основни животни намирници.

-Овие астрономски стапки за Венецуела претставуваат пад на куповната моќ. Доколку заработува минимална плата еден Венецуелец може да купи само два отсто од основните прехранбени производи, истакна Алварадо.

Владата во април двојно ги зголеми просечните плати на 40.000 боливари. Во тоа време тоа изнесуваше осум долари, а денеска само два. Кутија со 30 јајца чини 70.000 боливари (3,5 долари) а килограм месо 50.000 боливари( 2,5 долари)

Аналитичарите сметаат дека инфлацијата е последица на неограниченото печатење пари.

Во Венецуела е девастирано државното производство на нафта кое во последните 10 години од 3,2 милиони опадна на еден милион барели дневно, додека ММФ за годинава предвидува 35-отстотно намалување на БДП-то.

Мадуро кризата ја препишува на бројните економски санкции кои администрацијата на Трамп им ги воведе на неговата влада за да изврши притисок врз него и да го присили на заминување. Опозицијата околу претседателот на парламентот, Хуан Гуаидо, кого како привремен претседател го признаваат педесетина земји од светот, истакнува дека негрижата и корупцијата на владата доведоа до оваа состојба во земјата.