Хидросистемот „Ѓавато“ за напојување на Дојранско Езеро пак работи


Од реактивирањето на хидросистемот

 

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, и пратеникот Миле Цеков, по тригодишен застој, денеска го пуштија повторно во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите во Ѓавато, богданско, се врши дотур на вода во Дојранското Езеро.

На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, неодамна Владата ја усвои информацијата за ставање во функција на овој хидросистем и после речиси три години застој во работата, водите на Дојранското Езеро повторно ќе се надополнуваат.

„Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се залагаат да се изнајде решение за финансиските средства за во блиска идина да се реконструира целосно овој хидросистем“, изјави Меџити нагласувајќи дека за повторно функционирање на хидросистемот е потребна реконструкција на самиот цевковод и набавка на неколку нови потопни пумпи.

На бунарското подрачје Ѓавато моментално има технички исправни три потопни пумпи-пумпите 3, 7 и 8 кои се ставија во функција, а за останатите е потребна реконструкција.

Заради сушата и неработењето на хидросистемот во изминатиот период, нивото на водостојот на Дојранското Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум и доколку продолжи ваквиот тренд нивото може и дополнително да се намали со оглед дека и хидролошка состојба е неповолна.