Хераклеа со лифт ќе можат да ја посетат и лица со посебни потреби


Отпочна реконструкцијата на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис поддржана од Европската Унија . На прес-конференцијата за новиот проект зборуваа евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, градоначалничката на Битола – Наташа Петровска и директорот на Завод и Музеј од Битола – Мери Стојановска.

Проектот е во рамките на  SMART-CUL-TOUR кој што се спроведува во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија –Република Албанија 2014-2020, како партнерство помеѓу Општина Битола и општина Пустец, Албанија, како и НУ „Завод и музеј“, Регионален директорат за културно -Корча и Младински културен центар -Битола. Вкупниот буџет на проектот кој се спроведува во рок од 24 месеци, изнесува 704,590 Евра, од кои 85% се ко-финансирани од страна на Европската Унија, додека останатите 15% ги обезбедува Владата преку Министерството за локална самоуправа.

На почетокот на прес-конференцијата зборуваше Мери Стојановска, која го претстави проектот и рече дека очекува бројот на туристи и посетители да биде за 35 до 40 проценти повисок.

-Активноста која ги опфаќа адаптацијата и подобрувањето на археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис ќе доведе до значително унапредување на состојбата на Хераклеа, подобрување на условите за посета, како и збогатување на туристичката понуда воопшто. Покрај инфраструктурните зафати кои се однесуваат на поплочување на пешачката патека од влезот на локалитетот па сѐ до Театарот, изработка на соодветни практикабли за поставување на нова сцена во него, потоа зафати врз видиковецот, поставување на соларни светилки долж целата пешачка патека, ќе бидат превземени и други активности. Ќе биде поставен лифт за лица со посебни потреби, па за прв пат на оваа категорија на посетители ќе им се овозможи пристап до Театарот,каде се одржуваат голем број на културни настани, но и до Видиковецот, од каде имаат преглед врз целиот локалитет, рече Стојановска.

Евроамбасадорот Жбогар рече дека би сакал да го види готов Офицерски дом додека е тука на служба, но ако замине порано, како и Хераклеја, ќе ја гледа на фотографии.

-Во моментов поддржуваме 14 проекти во вредност од 4,5 милиони евра, тековни проекти, а во септември ќе има нов повик за дополнителни 5 милиони евра за прекугранична соработка, изјави евроамбасадорот Жбогар. (Bitola news)