ХЕМА апелира за редовни прегледи и пристап до иновативни лекови за лицата со леукемии, лимфоми и миеломи


Здружението ХЕМА во соработка со Фудбалската репрезентација на Македонија (ФФМ) и пациентската организација за лимфом Lymphoma Australia, по петти пат го одбележува месецот Септември – светскиот месец за подигнување на свеста на малигни болести на крвта со апел до граѓаните за редовни прегледи и до институциите на системот за овозможување пристап до иновативни лекови за лицата со леукемии, лимфоми и миеломи.

-Најголем број од иновативните лекови имаат примена кај малигните болести на крвта, и тоа со јасно подобрена ефикасност. Треба да постои цврста определба на следење на светските достигнувања во што побрз временски рок, а ние сме во ситуација во која позитивната листа на лекови не е обновена цели 17 години. Освен тоа, хендикеп е што не стануваме дел од тн. клинички студии, кои нудат опција за третман со иновативни лекови кога тие се во фаза на клиничко испитување, а тоа е една од основните препораки на светски релевантните професионални здруженија, за пациентите кои станале отпорни на стандардните прифатени протоколи за лекување, наведуваат од Здружението.

Правото на здравствена заштита е едно од основните, а граѓаните треба да знаат дека имаат можности да бараат ова право да биде соодветно регулирано и остварено. Здруженијата на пациенти се гласноговорници на пациентите и тие честопати ја преземаат иницијативата за подобрување на условите и можностите за нивно успешно лекување.

Во рамките на кампањата од Здружението ХЕМА изработиле видео спотови од кои едниот е подготвен со ФФМ и нашите фудбалски репрезентативци, како и инфографици со пораки до граѓаните за подигнување на свеста за малигните болести на крвта (леукемии,лимфоми и миеломи) и пристап до современа терапија.