Хашкиот суд денес расправа за израелската блокада на хуманитарната помош во Газа

Во Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска започнуваат сослушувања за хуманитарните обврски на Израел кон Палестинците, повеќе од 50 дена откако израелската армија воведе целосна блокада на Појасот Газа, со која се забранува влез на хуманитарна помош.
Израел ги контролира сите приливи на меѓународна помош што се од витално значење за 2,4 милиони луѓе, жители на Појасот Газа каде што се случува невидена хуманитарна криза. Израел ја запре помошта на 2 март, неколку дена пред прекинот на кревкиот 15-месечен прекин на огнот.
Филип Лазарини, шеф на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), во петокот го осуди „гладот предизвикан од човек и од политички мотиви“ во палестинската енклава.
Претставници на различни земји во ОН ќе ги изнесуваат своите ставови пет дена, почнувајќи од денеска со претставникот на Палестина.Други 38 земји – вклучувајќи ги САД, Кина, Франција, Русија и Саудиска Арабија – како и Организацијата за исламска соработка, Арапската лига и Африканската унија ќе ги претстават своите позиции.
Во декември, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство усвои резолуција поднесена од Норвешка со која се бара од Меѓународниот суд на правдата да даде мислење за хуманитарните обврски на Израел кон Палестинците. Според ОН, околу 500.000 Палестинци се раселени по падот на примирјето на 18 март, додека најмалку 2.111 Палестинци биле убиени од тогаш од израелските напади.
Израелските власти велат дека ги продолжиле воените операции во Газа бидејќи веруваат дека ова е единствен начин да се принуди Хамас да ги ослободи 58-те заложници што се уште ги држи по нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година. Од нив, 34 израелската армија ги смета за мртви.
Мислењата на Меѓународниот суд на правдата не се правно обврзувачки, но можат да го зголемат дипломатскиот притисок врз Израел.
Во јануари 2024 година, Меѓународниот суд на правдата го повика Израел да спречи каков било акт на геноцид и да дозволи хуманитарна помош да влезе во Газа. Во март истата година, тој повика – по барање од Јужна Африка, која го обвинува Израел за геноцид – да преземе нови мерки од Израел против „гладот што започнува“ во палестинската енклава.
Покрај тоа, во јули, Меѓународниот суд на правдата ја окарактеризираше израелската окупација на палестинските територии како „нелегална“ според своето мислење и повика да престане што е можно поскоро.