Хашим Тачи: Заев ми се јави да ја разјасни изјавата што им ја дал на руските измамници


Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека македонскиот премиер Зоран Заев му телефонирал синоќа, со цел да ги разјасни изјавите што им ги дал на руските комичари, кои се претставиле како украинскиот претседател Петро Порошенко, а во врска со наводниот договор на Тачи со српскиот претседател Александар Вучиќ за промена на границите, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одговарајќи на новинарско прашање по прошталната средба со шефицата на Мисијата на ЕУЛЕКС, Александра Пападопулу, Тачи изјави дека, за време на 20-минутниот телефонски разговор, Заев му рекол оти бил жртва на измама, а изјавата што ја дал во врска со наводниот договор меѓу косовскиот и српскиот претседател за доделување на Србија на 10 косовски општини, била „заснована на гласини, дезинформации и податоци лансирани од Спутњик и други руски гласини“.

– Тоа се зборовите кои ми ги рече, истовремено нагласувајќи дека тоа што го зборувал со измамниците кои му се јавиле по телефон се работи кои немаат врска со односите со Косово. Тој, исто така, нагласи дека нема никаков факт, никаков доказ, никаква официјална информација за тоа што го изјавил, туку сето тоа било врз основа на локални и меѓународни гласини, изјави Тачи.

Косовскиот премиер нагласи дека „односите меѓу Косово и Северна Македонија биле, се и ќе останат коректни, позитивни и конструктивни, во духот на добрососедството“ на сите институционални нивоа и дека Приштина ќе продолжи да ја поддржува евроатлантската перспектива на својот сосед.

Премиерот Зоран Заев денеска по отворањето на 31. бензинска станица на Лукоил на влезот во скопско Арачиново, потврди дека разговарал со косовскиот претседател Тачи во врска со неговиот разговор со руските комичари, посочувајќи дека доколку со тоа ги повредил граѓаните или претседателот на Косово намерата не била таа.

– Зборувавме со Тачи, бараше објаснување. Јас разменив и порака со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Сакам уште еднаш да ја искористам приликата ако со изјавата сум ги повредил граѓаните или претседателот на Косово намерата не била таа. Ние сме исклучително пријателски земји. Јас се надевам, барем така чувствувам, дека сум пријател на граѓаните на Косово. Никогаш не сме имале детали за преговарачкиот процес, како што и претходно изјавив. Сето тоа што е тема на разговори во кои било кулоари кога разговараме од она што е присутно во јавноста и слично. Впрочем и претседателот Тачи и претседателот Вучиќ знаат дека ние и не знаеме, немаме споделено информации, изјави Заев.

Нашиот став, како што потенцира Заев, е дека навистина посакуваме просперитет и решавање на проблемот со Косово, просперитет на Албанците, на Србите и на сите други заедници кои живеат на Косово, но и во целиот регион.