Хашим Тачи ќе одговара за 87 убиства


Во обвинението, чии делови објави албанската телевизија Топ ченел, мачењето и убиствата се случувале во специјални простории за притвор што ги имала ОВК. Меѓу жртвите на ОВК имало и членови на партијата на Ибрахим Ругова, ЛДК

 

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, може да одговара за најмалку 87 убиства на Срби и Албанци кои се спротивставија на ОВК. Тоа го тврдат хашките обвинители во обвинението против Тачи, а во кое, покрај него, обвинети се и Кадри Весели, Азем Сила, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Според наводите на обвинителите, што делумно ги објави албанската телевизија Топ ченел, Тачи и неговите соборци се виновни за убиство, мачење и нехуман третирање на Србите и Албанците, кои ОВК ги прогласи „за соработници на Србија или предавници“. Жртвите биле измачувани, а потоа убиени во импровизирани притвори низ Косово.

Обвинителите велат дека имало две категории луѓе што биле мета на ОВК, што резултирало со 87 жртви.

Првото поглавје од обвинението до кое стигнал Топ ченел, се фокусира на злосторствата извршени како резултат на тортура и нехуман третман кон оние кои ОВК ги прогласи за соработници на Србија или предавници, вклучувајќи ги и луѓето на партијата Демократски сојуз на Косово (ЛДК) на Ибрахим Ругова, кои имаа став  ослободувањето на Косово да не биде преку оружје.

Обвинението против Тачи и неговите соработници, кое судот за ОВК сè уште не го потврди или отфрли, има вкупно 260 страници и, според обвинителите, е солидна основа за обвинение. Ова хашко досие беше завршено во декември 2019 година.

Имало некои убиства надвор од овие притвори што се случија во областа на планината Бериша. Затворање и последователно извршување, вклучително и прогон, се дел од обвинението.

Во второто поглавје, со наслов „Заедничка цел“, обвинителите го објаснуваат создавањето на ОВК и силниот судир со ЛДК.

Иако и самите обвинители признаваат дека имаат ограничени докази, тие инсистираат дека обвинетите ќе биде тешко да го негираат нивното знаење за установите за притвор. Обвинителите посочуваат дека според доказите што ги имаат повеќето од притворите имале централно место во структурите на ОВК и истовремено биле силни бази на оваа армија.

Топ ченел пишува дека според обвинението за овие злосторства може да бидат обвинети и други лица како Рустем Мустафа, Лахи Брахимај и Сулејман Селими претходно осудени за воени злосторства. За Џавит Халити и Сабит Геци тие бараат создавање на одделни досиеја за да се види можноста за нивна вина.

Инаку, обвинението против Тачи и другите беше објавено среде аферата, „протекување документи“, во која најмалку 4.000 додиеја со документација од Хашкото обвинителство завршија во рацете на здружението на воени ветерани на ОВК. Експертите се убедени дека тоа не е случајно, додека хашките обвинители се закануваат дека ќе го гонат секој што ќе го открие идентитетот на потенцијалните сведоци.

Коментирајќи ги овие наводи, обвинителот на Судот за злосторства на ОВК, Џек Смит, предупредува дека здружението на воени ветерани на ОВК се обидува да го наруши „спроведувањето на правдата“.

Секое учество во споделување на такви информации може да биде кривично дело. Ние сме посветени на истрага и гонење на лица кои сториле такви злосторства, вклучително и откривање на идентитет на лица кои би можеле да бидат повикани на суд или каква било информација што може да доведе до нивно идентификување, посочува Смит. (Н.В.)