Хасани: Мерките се непопуларни, но така ќе празнуваме побезбедно
За да може да празнуваме побезбедно, донесени се порестриктивни мерки денеска, порача заменик-министерот за здравство Илир Хасани, на заедничката прес-конференција во Владата по прогласувањето на новите рестриктивни мерки.
– Пандемијата го направи своето, имало пандемии и некогаш, но мерките денес мора да бидат рестриктивни и порестриктивни од тоа што граѓаните го очекуваа, но принудени сме на тоа, токму и заради празниците кои доаѓаат, рече заменик-министерот за здравство Илир Хасани.
– Се наоѓаме во тешка ситуација, пред избор или да го ограничиме постот, или ќе се затвориме и за Бајрам и за Велигден. Ако сега не ја донесовме одлуката, со сигурност за празници ќе бевме затворени, рече Хасани.
Сепак, рече тој, граѓаните и за празниците ќе мора да внимаваат, бидејќи одењето на гости особено кај постарите може да биде фатално.
– Мора со овие непопуларни мерки да ги заштитиме луѓето, но и здравствените работници. Британскиот сој е многу полош отколку што очекувавме. Да празнуваме сите безбедно – рече Хасани.