Хари Костов: Сo популистички идеи се нудат брзи волшебни решенија
Јас не слушнав досега некој да предложи таква генијална идеја во наредните шест месеци да не плаќаме за нашите набавки во супермаркетите, да не плаќаме за бензин, струја, телекомуникациски услуги и друго, вели директорот на Комерцијална банка Хари Костов
Банките мора да ја задржат својата сигурност и стабилност, зошто после кризата државата ќе се повлече од директната помош на населението и стопанството и повторно банките ќе бидат тие кои ќе треба да обезбедат нова кредитна подршка на овие сектори, вели во интервју за „Фактор“, главниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, Хари Костов.
Во подолгото интервју познатиот банкар се осврнува на нападите врз банките, објаснува зошто не можат да престанат да пресметуваат камати на кредитите во време кога нивната отплата е одложена, како банките ги остваруваат профитите и колкави се тие во однос на други индустриски гранки. Костов се осврнува и на повеќе други актуелни прашања за економската криза, мерките на Владата, но и на, како што вели, „популистички идеи да се најдат брзи волшебни решенија“.
„Секогаш во услови на криза и неизвеснот банките се на удар на дел од јавноста“, вели Костов. Одговарајќи на серија прашања за каматите, тој потсетува дека банките се акционерски друштва и дека нивната цел е, „водејќи сметка за сигурноста на штедните влогови, со давање на разновидни банкарски услуги да ја одржуваат и зголемуваат вредноста на акционерскиот капитал и да остваруваат профит од своето работење, што впрочем е целта на секоја компанија која работи во пазарни услови“.
„Јас не слушнав досега некој да предложи таква генијална идеја во наредните шест месеци да не плаќаме за нашите набавки во супермаркетите, да не плаќаме за бензин, струја, телекомуникациски услуги и друго, меѓутоа голем дел се согласуваат дека банките во наредните 6 месеци не требало да им пресметуваат камата на граѓаните за искористените и одложените кредити. А и во овие шест месеци банките ќе продолжат да им пресметуваат и исплатуваат камата на своите штедачи“, вели Костов.
Првиот човек на Комерцијална банка остро им возвраќа и на оние кои повикаа на одземање на дел од профитите на банките.
„Заборавајќи дека токму банките се најголеми плаќачи на даноци и засега се едни од поголемите донатори во кризава, имаше и јавно прозивање на банките дека ако не помогнат во вонредна состојба, може да се донесе и уредба со законска сила, па дури еден од пишувачите на сегашниот македонски Устав истапи со револуционерната идеја, дека во вонреднава состојба, Владата треба да донесе уредба со која ќе им се одземе најмалку 1/3 од добивките на банките. Јас не разбирам, ако е толку револуционерен, зошто не предложил да се одземат целосно сите добивки на сите претпријатија кои работат со добивка во државата, а бројките ги обраложив претходно.
Но шегата на страна, и пишувачот на Уставот, за кого не знам зошто му се потребни вакви популистички и револуционерни изјави, и политичарите треба да знаат неколку уставни одредби. Прво, и уредбите со законска сила што Владата ги носи во вонредна состојба, мора да бидат во согласнот со Уставот и законите, и тие не можат да висат надвор од правниот систем на државата. Второ, со Уставот се гарантира правото на сопственост, во тие рамки и на приватната сопственост. И трето, за да се изврши национализација или експропријација на банките, треба банките нешто незаконски да работеле или да се работи за јавен интерес утврден со закон, а јас не гледам што тоа банките незаконски работеле. И на крајот, дури и при експропријација се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност. Впрочем Владата на два пати донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за трговски друштва, со која прво се забрани одржување на акционерските собранија, а потоа се забрани трансфер на остварената добивка односно дивиденда во странство кај фирмите кои имаат странска сопственост, за на крај Владата целосно да ја повлече оваа Уредба, откако увиде дека не е во согласност со Уставот“, вели Костов.
На забелешката дека наспроти каматата што ја добиваат штедачите од околу 1,5 отсто, стапката на кредитите во просек е 5,5 отсто, Костов вели дека каматната маржа на банките постојано опаѓа и во моментов е помеѓу 2,5-3 отсто на годишно ниво, како и дека многу компании од други индустрии имааат неколкупати поголема маржа. На пример ТЕ-ТО над 67 отсто, Мермерен комбинат над 55 отсто, рудникот САСА над 45 отсто, рудникот Бучим и „Македонијатурист“ над 33 отсто, Цементарницата УСЈЕ над 25 отсто, „Оилко“ над 22 отсто, Македонски телеком над 17 отсто, „Реплекфарм“ над 14 отсто, ЕСМ над 13 отсто, „Синохидро“ – фирмата која ја организира изградбата на автопатиштата во Македонија со кинеските кредити над 24 отсто, „Алкалоид“ над 9 отсто, ЕВН над пет отсто и тн.
Комерцијална банка лани оствари добивка од речиси 30 милиони евра и тоа, како што објаснува Костов, го оствари со давање на некаков вид кредитна изложеност на над 120.000 физички лица (било да се тоа кредити, кредитни картички или одобрени пречекорувања) и на уште 1.415 компании со кредити во износ 35,8 милијарди денари или околу 580 милиони евра. Истовремено, во 2018 или 2019 година, во зависност од расположивите податоци, компаниите ги оствариле следните добивки: ТЕ-ТО над 8,8 милијарди денари или 143 милиони евра, „Џонсон мети“ скоро 6,7 милијарди денари или скоро 109 милиони евра. Значи, само „Џонсон мети“ во 2018 година оствари поголема добивка отколку трите најголеми банки – Стопанска, НЛБ и Комерцијална – заедно во 2019 година. Понатаму се САСА со над 2,5 милијарди денари или над 40 милиони евра, ЕСМ 1,8 милијарди денари или над 29 милиони евра, Синохидро скоро 1,6 милијарди денари или 26 милиони евра, Македонски телеком оствари добивка од над 1,5 милијарди денари или над 24 милиони евра, Цементарницата УСЈЕ, Мермерен комбинат Прилеп, ЕВН и Бучим по 1,2 милијарди денари или по 19,5 милиони евра, „Алкалоид“ над 1 милијарда денари или над 16 милиони евра, „Макпетрол“ 875 милиони денари или над 14 милиони евра, ИГМ трејд (неконсолидиран) 779 милиони денари или скоро 13 милиони евра и т.н.
„Прашањето ми е, зошто би било нормално овие компании да остваруваат вакви добивки и тоа да е во ред за пошироката јавност (се разбира ние како банки сме среќни што тие се профитабилни), но кога банките ќе пријават слични или далеку помали добивки, тогаш тие за кредитокорисниците и дел од јавноста се лихвари кои немаат никаква милост за граѓаните“, вели Костов во интервјуто за „Фактор“.