Хари и Меган ќе добијат награда за социјална правда


 Британскиот принц Хари и Меган Маркл ќе добијат признание на американската Национална  асоцијација за унапредување на правата на обоените луѓе, (т.е. на сите раси) – НААЦП, за социјална правда и за приклучувањето во борбата за еднаквост ширум светот.

– Возбудени сме што ќе им ја доделиме оваа награда на принцот Хари и Меган, војводата и војвотката од Сасекс, кои заедно го послушаа повикот за социјална правда и се вклучија во борбата за еднаквост и во САД и ширум светот, рече Дерик Џонсон, претседател на НААЦП.

Хари и Меган беа именувани како добитници на престижната Претседателска награда, со која се признаваат посебни достигнувања и истакнати јавни услуги. Двојката, која се повлече од функциите во кралското британско семејство во 2020 година, во заедничката изјава рече дека тоа им причинува чест.

„Вистинска чест е да се биде признат од претседателот Дерик Џонсон и НААЦП, чии напори да ја поттикнат расната правда и граѓанските права се исто толку важни денес како што биле и пред повеќе од сто години кога е основана“, велат тие, нагласувајќи дека ќе продолжат со конкретните заложби.

Поранешни добитници на Претседателската награда се Мухамед Али, Џеси Џексон, Колин Пауел, Кондолиза Рајс, Леброн Џејмс, Ријана, Џеј Зи и Лорин Хил.

НААЦП се залага за унапредување на правата на „обоените луѓе“, како што вели самиот назив на здружението. Создадена е 1909 година како одговор на насилството врз црнците и е најголемата и најистакната американска организација за граѓански права, со повеќе од два милиони активисти. Нејзините награди ги слават извонредните достигнувања на црнците и малцинските етнички луѓе во уметноста, како и политичкиот залагања во САД.