Харадинај побара одложување на гласањето за прием на Косово во Интерпол

Кабинетот на косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај соопшти денеска дека тој побарал одложување на гласањето во Генералното собрание на Интерпол за прием на Косово во светската полициска организација.

Со писмо до Генералното собрание, кое ја одржува годишната сесија во главниот град на Чиле, Сантјаго, Харадинај бара, поради „новонастанатите околности“, односно изборите кои се одржаа во земјата предминатата недела, оваа година да не се гласа за барањето на Косово за зачленување во Интерпол.

– Имајќи ги предвид новонастанатите околности, поаѓајќи од моите надлежности како вршител на должноста премиер, денеска побарав одложување на гласањето за зачленување на Косово во Интерпол за идната година, се вели во соопштението од кабинетот на Харадинај.

Објавата на Владата во Приштина следи откако неколку медиуми во Србија го објавија писмото со кое Харадинај се откажува од барањето за зачленување во Интерпол.

– Имајќи предвид дека во Косово на 6 октомври се одржаа парламентарни избори, со почит Ве молиме нашата апликација за зачленување да ја одложите до следната седница на Генералното собрание на Интерпол, се вели во писмото.

Косово имаше неуспешни обиди за зачленување во организацијата на минатите две генерални собранија одржани во Пекинг предминатата и во Дубаи минатата година.

Агресивната кампања на Белград против зачленувањето на Косово во Интерпол, меѓу другото, беше една од главните причини поради кои Владата на Харадинај во ноември минатата година воведе такса од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.