Харадинај плаќа за злосторства или за таксите и границите


Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај, вчера се појави на откривањето на статуите во „Меморијалната академија на патриотите“ во Ораховац. Веќе денеска тој ќе се појави во новоформираниот Специјален суд во Хаг каде е осомничен за злосторства за време на војната во Косово во 1999 година. Српските власти доставиле нова документација и докази со кои очекуваат да биде покренато обвинение против поранешниот водач на ОВК, кој веќе двапати беше ослободуван од Хашкиот трибунал поради исти сомневања за различни злосторства: од тероризам, до силувања, мачење и убиство на цивили. Според трибуналот, ниту едно од овие обвинение не беше поткрепено со несоборливи докази.
Колку и да звучи лаконски тврдењето на српскиот претседател, Александар Вучиќ дека и овојпат станува збор за театар, по кој Харадинај бргу ќе биде ослободен и ќе се врати дома како херој, фактот што новиот Суд формиран за да им суди на поранешните борци на ОВК, повикува премиер на една држава е доволен сам по себе и му дава дополнителна тежина на целиот случај. Самиот Харадинај вели дека не сака да одговара како премиер, туку како поединец и затоа даде оставка не сакајќи името на државата да биде извалкано во процесот, но исто така, факт е дека изненадувачкиот повик од Хаг доаѓа по неговото тврдоглаво одбивање да ги укине таксите за српските производи и несогласувањето со идејата за поделба на границите меѓу Косово и Србија.
„Ние на Балканот сме склони кон теории на заговор, но не верувам оти еден таков меѓународен суд ќе си дозволи да влезе во некакви игри, иако сѐ е можно. Во септември, според најавите, Франција и Германија, веројатно и САД, поцврсто ќе се заземат за решавање на косовско–српското прашање“, коментира аналитичарот Алберт Муслиу за „Независен весник“.


Тој напоменува оти оставката на Харадинај е исклучително храбар потег и треба да им биде пример на сите политичари од регионот.
„Тој презема голема одговорност и нагласува оти ќе се соочи со казната доколку биде прогласен за виновен“, заклучува Муслиу.
И Азем Власи, кој сега му е советник на косовскиот претседател Хашим Тачи, а во минатото беше висок функционер на Сојузот на комунистите, апелира оставката на Харадинај да се сфати и прифати токму така што самиот ја објаснил.
„Ако е повикан да сведочи пред судот како осомничен, не е во ред тоа да го прави како премиер, туку како граѓанин. Друго ќе беше ако го викнеа како сведок. Треба да видиме кои се новите докази“, нагласува Власи.
Српските медиуми пишуваат дека последниве неколку месеци во врска со сомневањата за злосторства извршени од страна на Рамуш Харадинај, сослушани се околу 20 сведоци, Албанци и Срби. Сослушувањето е направено во најголема тајност на северот на Косово или во Белград. Изминатите години против Харадинај во Србија се поднесени повеќе од 110 кривични пријави. Минатата недела во Виена беше приведен и братот на Рамуш Харадинај – Даут.
Според теориите на заговор, Харадинај се тргна од патот за да им ослободи простор на Тачи и на Вучиќ да се договорат за границите и со тоа да го решат прашањето што го оптоварува регионот, но и цела Европа. Прв чекор кон тоа би било укинување на таксите за српските производи што беше идеја на Харадинај.
Но, самиот Вучиќ бара да престане радувањето во српската јавност по повикот од Хаг за Харадинај.
„Ова е само трик. Тој сега дава оставка, демек се жртвува за татковината, па оди во Хаг, таму ќе го пуштат за два дена, се враќа дома, го пречекуваат како херој, рејтингот му расте до небо“, сликовито опишува српскиот претседател.
Во тој контекст може да се толкуваат изјавите на останатите албански политичари, меѓу кои и ривалите на Харадинај, кои велат дека посакувале тој да си замине од функцијата, но не како осомничен за воени злосторства. И партиите на македонските Албанци, пред сѐ Али Ахмети и неговата ДУИ, му посакаа среќа во докажувањето на невиноста пред хашкиот суд. Харадинај важи за семеен пријател и на премиерот Зоран Заев.


Ова е вторпат Харадинај да поднесува оставка од функцијата премиер и повторно за истата работа. Првпат си замина во 2005 година кога беше повикан од Хашкиот суд за човекови права со обвинение за воени злосторства. Во 2008 година беше ослободен поради немање докази. Три години подоцна, ослободителна пресуда доби и на повторното судење.

Горан Адамовски